Бројот на оздравени од коронавирусот бележи зголемување, додека бројот на новозаразени секојдневно опаѓа
22.01.2021
Речиси сите епидемиолошки параметри, според кои се евалуира состојбата со епидемијата, бележат тренд на намалување, односно зголемување во однос на бројката на оздравени случаи, соопшти вчера Министерството за здравство, Венко Филипче.
Во извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 11 до 17 јануари, процентот на позитивни од тестирани изнесува 16 отсто, што споредено со средината на декември е намалување од 13,3 отсто.
Во истиот извештај од декември, бројот на новодијагностицирани случаи со ковид-19 во една недела изнесувал 4.585, а во извештајот за минатата недела таа бројка изнесува 2.397, што покажува намалување од 48 отсто. За истиот период бројот на смртни случаи на неделно ниво е речиси преполовен, а значително е зголемен бројот на оздравени пациенти.
И вчерашната ковид-статистика покажа тренд на стабилизирање на епидемијата. Од направени 1.906 тестирања во претходното деноноќие, беа регистрирани 356 нови случаи на коронавирусот, како оздравени се забележани 587 пациенти, додека починаа 15 лица.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 89.817, бројката на оздравени пациенти е 75.387, на починати е 2.754, а бројот на активни случаи изнесува 11.676.
Од Министерството за здравство велат дека се целосно подготвени за процесот на вакцинација, а први ќе се вакцинираат здравствените работници. Министерот за здравство, Венко Филипче вчера информираше дека првите вакцини од „Фајзер” и од Србија ќе стигнат со интервентен увоз.
Тој посочува дека Србија е единствената земја во целиот регион во која има локално претставништво на „Фајзер” и тоа на некој начин им ги забрза работите.
Што се однесува до вакцините кои во земјава треба да стигнат преку Ковакс механизмот, министерот посочува дека на 29 јануари ќе има состанок со претставниците од тој систем кога се очекува да добие информации кога и во кои количини вакцини ќе стигнат во нашата земја.
Стефани Манева
#Ковид-19 #ЗголеменБројНаОздравени #НамаленБројНаЗаразени #МинистерствоЗаЗдравство #ВенкоФилипче