На Бадник, посна храна и паричка за среќа

Објавено на 5 јануари, 2016 во 15:44

„Каде и да си, за Бадник, дома да си“, велат старите, а оваа поговорка ја почитуваат и помладите. Бадник е празник кога семејството се собира заедно во домот, седнува на заедничка посна и богата трпеза и крши лепче со паричка. Се верува дека на оној кому ќе му се падне паричката, цела наредна година ќе го следи здравје, успех и среќа. Традицијата налага оваа вечер да не се оди никаде на гости, туку да се остане во домот со богато посно мени што има и симболично значење означувајќи богатство и изобилство и во наредната година.

Бадниковата вечера започнува со благослов на домаќинот на трпезата, а потоа и кршење на бадниковото лепче со паричка, на онолку делови колку што има и членови во семејството, оставајќи дел за Бога и дел за куќата. На Бадник, според традицијата, во огнот се става да гори и бадниково гранче, кое се смета за најздраво дрво и кое симболизира здравје за целото семејство. 

Јадењата на бадниковата вечера се исклучиво посни, а меѓу нив има лепче, риба, грав, салата од зелка, туршија, сармички, посни пити и банички, вино, компири, посни колачиња и торти… Обичај е трпезата да не се раскрева и да се остави да стои преку целата ноќ.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.