Како да се справите со грчевите и болките во нозете?
Изненадна болка во долниот дел на нозете или стапалата знае да биде доста неугодна. Долготрајна е и не престанува. Се работи за грч, неочекувана и јака контракција на мускулите која најчесто се јавува за време на спортски активности, но и ноќе кога спиеме.
Најчеста причина за грчеви е уморот, но постојат и многу други причини:
– слаба циркулација, тогаш грчевите се јавуваат кога ќе опадне телесната температура; климатските услови исто така можат да имаат влијание затоа што ладното време делува на циркулацијата и ја намалува;
– неприродна положба на телото , оневозможена е циркулацијата и можат да се јават мускулни контракции;
– лековите, посебно диуретиците можат да предизвикаат појава на грчеви и таа појава спаѓа во спореден ефект од земениот лек;
– претерано потење доведува до промена во мускулите и предизвикува нивно неправилно грчење.
Еве неколку совети кои ако ги применувате за краток периот ќе вродат со плод и вие ќе се ослободите од грчевите на мускулите во нозете:
1. Движете се почесто
Ако мускулите ви се премногу пасивни, на подолг период, тогаш треба да ги растегнувате почесто. Ова е особено важно доколку во топлите месеци сте физички поактивни, а кога ќе застуди влегувате дома и се топлите на каучот сѐ до пролетта. Растегнувајте се во различни пози. Телото ќе ви каже точно што ви е потребно. Ако тоа ви стане премногу болно, застанете. Измасирајте го болното место со рацете, полека и нежно, пред да продолжите.
2. Пијте повеќе вода
Дехидрацијата е една од најчестите причини за грчеви и болки во мускулите. Природно ни доаѓа да го намалиме внесот на течности кога времето станува постудено или пак почнуваме да пиеме погрешни течности. Топлото чоколадо е добро за да се загреете, но сепак ви се потребни околу 8 чаши вода на ден. Ако ви е потребен топол пијалак, тогаш сварете си чај.
3. Бањајте се или туширајте се со топла вода
Следниот пат кога ќе влезете да се бањате или да се туширате, наместете ја водата на најтоплата температура која можете да ја поднесете, без тоа да ви стане непријатно. Топлата вода ќе ви помогне да ги релаксирате мускулите и да ги стоплите местата во кои се јавува болка, што секако ќе го олесни страдањето.
4. Масажа
Олеснете ја болката во критичните места со нежна масажа. Потоа нанесете ладна или топла облога. Ако сѐ уште ви е потребно олеснување на болката, побарајте лекарство за намалување на болката, но претходно задолжително консултирајте се со својот матичен лекар кој има најдобар увид во вашата состојба.