За 10% помал одзивот во вториот изборен круг на локалните избори во Чашка
Изборниот ден на вториот круг на шестите локални избори во општина Чашка каде граѓаните избираат Градоначалник на општината на едно избирачко ливче со двајца кандидати, тече без проблеми но со 10 % помала излезност во споредба со првиот круг одржан пред четиринаесет дена. Сите 30 избирачки места на подрачјето на општината беа отворени утрово во 7 часот и до 17 часот не е регистриран прекршок или инцидент, рече Претседателот на Општинската изборна комисија, Марјан Јовановски.
– Според Единствениот избирачки список денеска, во вториот круг на шестите локални избори, право на глас имаат вкупно 6.017 граѓани. Од нив до 17 часот излегоа и гласаа вкупно 2.607 избирачи или 43,36% од гласачите. До 13 часот одзивот изнесуваше 25,47% и до 10 часот 8,40%. Тие избираат Градоначалник од предложени двајца кандидати на две политички партии. Одзивот е помал во споредба со првиот изборен круг за 10%, рече Јовановски.
Проценките на ОИК Чашка се дека првичните резултати на денешниот изборен ден и новиот Градоначалник ќе можат да ги соопштат околу 22 часот.
Пред две недели граѓаните на оваа општина го избраа Советот кој е составен од кандидати на четири политички партии. Од нив две се македонски и две се албански партии. /У.Ј