„Рибља чорба“ и „Парни ваљак“ во септември на „Тиквешки гроздобер“ во Кавадарци
Многу новини за годинашново издание на стопанско-туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“ најавува организаторот. Веќе 2,3 и 4 септември е утврдениот датум за оваа манифестација која е белег на Кавадарци.
„ Ова година ќе имаме некои изненадувања во музичкиот дел. Во петок 2 септември ќе настапи Рибља чорба, во сабота на 3 септември целовечерен концерт ќе имаат легендарните „ Парни ваљак“ и во недела за сите тинејџери е настапот на европски популарниот бенд „Бангладеш“. Ќе има и уште многу други новитети кои ќе ги објавиме со програмата за тиквешки гроздобер. Концертот на „Парни ваљак ќе трае 2-3 часа во нивни стил. Ова е добро за сите кои ќе дојдат на грзодберот“ открива претставникот на Агенцијата што го организира Тиквешкиот гроздобер, Зоран Станоев –Дејзи.
Тој нагласува дека и годинава винариите ќе бидат активни учесници на оваа манифестација, а и винскиот карневал ќе бил содржински побогат.
„Ќе имаме 10-12 нови општински карневалски поставки. Значи карневалот годинава ќе биде многу побогат. Ќе бидат присутни и претставници на Асоцијацијата на карневалски градови. И ова година со време си ги започнавме работите. Сите основни и средни училишта ќе земат активно учество со нови поставки, а ќе има и граѓанските поставки кои ќе бидат спремни до одржувањето на винскиот карневал“ вели Станоев и е дециден дека како Агенција за организирање на манифестацијата ќе вложат максимални напори за голем и спектакуларен гроздобер, различен од досегашните.
И годинава Тиквешкиот гроздобер е со подршка од општина Кавадарци, градоначалникот Александар Панов и совето. Ние како агенција за организирање ќе се потрудиме да имаме еден голем и спектакуларен гроздобер.
Ангел Данов