„Рибља Чорба“ и „Парни ваљак“ на Тиквешки гроздобер во Кавадарци
Многу музика и забава за сите генерации нуди годинашнава стопанско туристичка манифестација Тиквешки Гроздобер. Легендарните „Рибља чорба“ и „Парни Ваљак“ се само дел од музичката понуда. Ќе се пие вино, а ќе се јаде и грозје. Кавадарци од утре ги отвора вратите за сите добронамерници кои сакаат да поминат незаборавен викенд во градот на грозјето и виното.
Денеска на прес конференција градоначалникот Александар Панов, заедно со претставник од агенцијата „Пиволенд“ која го организира гроздоберот ја најавија официјалната програма.
“Следните денови во Кавадарци ќе биде празник за душата за цела Македонија. Ве поканувам во Кавадарци, заедно да ја одбележиме вековната традиција на овој град“ рече Панов.
Свеченото отворање на годинашното издание на “тиквешкиот гроздобер“ и годинава ќе се случи во музеј галеријата. Утре, овде во 12 часот ќе биде отворена изложбата „Чаршијата во Кавадарци – некогаш и сега“. Автори на изложбата се Петре Камчевски, директор на музеј галерија и Димитар Мурџев, новинар и портпарол на општина Кавадарци.
Од 13 часот на градскиот плоштад ќе се дегустира вино и грозје. Концертната програма ќе започне во 20 часот и 30 минути со настапот на уникатните Фолтин, за веднаш по нив да следи и концертот на „Рибља Чорба“. Официјално првата гроздоберска ден ќе заврши со Изборот на вински крал и кралица кој и годинава ќе се оддржи точно на полноќ.
Во сабота, 3 септември на програмата е традиционалниот меморијален турнир во кошарка „Сестри Китеви“ кој ќе започне од 11 часот во спортската сала „Јасмин“. Во 12 часот на градскиот плоштад во Кавадарци ќе се започне традиционалната „Таблијада“. Почетокот на винскиот карневал и годинава е закажан за во 20 часот, за веднаш по неговото завршување да следат концертите на Пурпурен Цепелин и легендардните Парни Ваљак.
Последниот ден од годинашното издание на тиквешкиот гроздобер ќе започне со настапот на уличните забавувачи и детскиот карневал кои ќе започат во 11 часот, а за во 18 часот е закажан изборот на најдобри вина. Гроздоберот ќе заврши со концертите на Bang La Decks и Tribute to Coldplay чии настапи се закажани за во 21, односно 22 и 30 часот.
Од агенцијата „Пиволенд“ најавија дека ќе се погрижат максимално, годинашната манифестација да помине во најдобро светло.
Организаторот, општина Кавадарци очекува за време на викендот манифестацијата Тиквешки гроздобер да го посетат над 50 илјади посетители.
Централната манифестација е винскиот карневал кој исто така ќе има богата понуда. Ќе има учесници од повеќе збратимени и пријателски градови. За најдобрите домашни маски ќе се доделат и три награди. Првонаградената маска ќе добиње 1500 евра, втората 1000, а трето наградената 500 евра.
Ангел Данов