Напредува обновата на црквата Свети Димитрија во Кавадарци
Напредуваат градежните работи за реновирање на храмот Свети Димитрија во Кавадарци. Таму денеска се изврши осветување на двата крста кои ќе бидат поставени на храмот.
Со чинот на осветување чиноначалствуваше Митрополитот на Повардарската Епархија, г.Агатангел. Тој нагласи дека е задоволен од текот на градежните активности и од целиот проект за реновирање на црквата со кој се овозможи значително проширување во внатрешноста бидејќи нема повеќе столбови.
„Реновирањето започна пред половина година. Епархискиот управен одбор заедно со црковниот одбор и свештенството од кавадаречкото архиерејско намесништво одлучивме централната црква посветена на Великомаченик Свети Димитрија да биде реновирана, бидејќи многу верници сакаа да се обнови оваа црква. Верниците кога доаѓав во Кавадарци тоа го бараа. Нашите дедовци, прадедовци се имаат многу вложено и затоа одлучивме да го обновиме. Баравме кубе да се направи и на кубето ќе го поставиме осветениот крст за да биде чувар на градот и на целата македонска земја“ рече г.Агатангел и е оптимист дека за кратко време обновата ќе заврши.
Ги повика сите иселеници кои преку летото ќе дојдат во родниот крај да го помогнат реновирањето, а иста порака за дарување упати и до сите верници од кавадаречко.
Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов рече дека општината секогаш ги помага потребите на Повардарската епархија и е подготвена да се вклучи со финансиски средства и во реновирањето на храмот Свети Димитрија.
Ангел Данов