Променливото време ја зголеми работата на брзата помош во Кавадарци
Никој не е поштеден од наглите промени на времето. Со здравствени проблеми не се соочуваат само хронично болните, туку честата промена на времето негативно се одразува и врз здравјето на здравите луѓе.
Зголемен е бројот на колапси, мозочни и срцеви удари потврдуваат од итната медицинска помош во Кавадарци.
„Бројот на повици на 194 во изминативе денови е зголемен за 50 отсто. Пациентите најчесто се жалат на варијации на крвниот притисок. Се соочуваат со хипертензивни кризи и колапси, а поради тоа зачестени се мозочните удари и инфарктите. Во овој период имаме зачестени интервенции и при сообраќајни незгоди и повреди при изведување на работи во поле“ информира началникот на Брза помош Кавадарци, д-р Антоан Паракеов.
Тој нагласува дека во овој период активен е и цревен вирус кој создава дополнителни проблеми покрај проблемите од променливото време. Апелира пред консумирање задолжително да се мие овошјето и зеленчукот, но и пред јадење задолжително да се мијат рацете.
Хронично болните, нагласува д-р Паракеов, редовно да ја земаат препишаната терапија, а сите кои ќе почувствуваат невообичаени тегоби да побараат лекарска помош./A.Д