Северина на гроздобер во Кавадарци
Кавадарчани и гостите кои ќе дојдат на винскиот карневал кој е дел од стопанско-туристичката и културна манифестација Тиквешки гроздобер годинава ќе можат да го проследат и концертот на музичката ѕвезда Северина.
Нејзиниот концерт е планиран да се одржи веднаш по карневалското дефиле на 9 септември. Годинава манифестацијата која се организира во чест на грозјето и виното ќе се одржи од 7 до 10 септември, кога во најлозарскиот крај во Македонија интензивно се прибира родот на грозјето.
Програмата за годинашнава манифестација е веќе доставена до советниците и истата е на дневен ред на 59 седница закажана за во вторник.
На седми советот ќе одржи свечена седница по повод денот на ослободувањето на Кавадарци, а потоа ќе следи концерт посветен на песната на легендарниот Никола Бадев.
Официјалното отворање на гроздоберот е предвидено за 8 септември од 12 часот со изложба во музеј галеријата, а од 13 часот ќе се дегустираат грозје и вина на градскиот плоштад. За вечерта се планирани концерти на „Чили плеј бенд“ и „Нокаут“, а на полноќ ќе се избираат крал и кралица на гроздоберот.
За сабота 9 септември во програмата е планирана таблијадата, приемот на делегации од градоначалникот и вечерта карневалското дефиле и уметнички перформанс. Потоа за присутните на манифестацијата целовечерен концерт ќе има Северина.
За последниот ден од гроздоберот се планирани настапи на ДЏ Никифор и Депеш мод – трибјут.
Годинава организаторот на манифестацијата пресметал дека ќе бидат потребни близу шест милиони денари за да се реализираат планираните активности за манифестацијата. Општината има обврска да покрие 4 милиони денари, а останатите финансии да ги покријат локалните компании.
Останува советот во вторник да се изјасне по вака концепираната програма за годинашниот Тиквешки гроздобер./A.Д