Бизнисмените од Кавадарци добија бизнис информативен центар
Бизнис секторот од Кавадарци од денеска има сопствени простории. Во центарот на Кавадарци, над поранешната РТК се отвори бизнис информативниот центар кој е опремен со соодветна информатичка и канцелариска опрема.
Со денешната активност за свечено отворање се заокружува роковникот од овој проект кој општина Кавадарци го реализира со Едеса од Грција во рамки на прекуграничната соработка. Главната цел на проектот е да ги зајакне инфраструктурните, институционалните и кадровските капацитети за подршка на бизнис секторот во прекуграничниот регион.
Раководителот на секторот за локален економски развој при општина кавадарци, Тодор Ефремов во изјавата за медиумите нагласи дека се дава придонес кон локланиот економски развој во Кавадарци, а се подржува и промовира бизнис секторот. Проектот има за цел и намалување на невработеноста во Кавадарци и Едеса – Воден.
Директорот за туризам при општина Едеса, Вангелос Киријакис е задоволен од соработката со Кавадарци и ја нагласи важноста на овој проект кој е финансиран со средства од Европската Унија преку ИПА програмата.
Проектот започна во 2016 година со времетраење од 18 месеци и се реализираа бизнис средби во Кавадарци и Едеса со посета на локални компании, бизнис изложба за промоција на локалните производи од двете општини. Беа организирани и неколку работилници. Учениците од средните училишта се едуцираа за изработка на сопствен бизнис план, се реализира работилница за кластерска конкурентност за водење бизнис, се изработи тријазичен водич за инвестиции какои брошури со информации за проектните активности./A.Д