Кавадарци ќе закројува на Свети Трифун
Едногласно кавадаречкиот совет денеска во рамки на шестата редовна седница ја усвои програмата за одбележување на празникот на лозарите „Свети Трифун“. За денот кога симболично се закројува виновата лоза, од општинската каса на Кавадарци ќе се потрошат 1.200.000 денари за прослава.
Програмата ќе ја реализира правното лице „Иноватива груп“ од Скопје.
Советниците од СДСМ нагласија дека комисиската расправа за програмата поминала во напната атмосфера и дека биле „скинати“ околу 600.000 денари од прично планираните 1.800.000 денари.
„Во координација со координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ договоривме првично предвидената програма за Свети Трифун да биде корегирана во интерес на лозарите, бидејќи имаше многу нејасни работи. Сега ќе ја усвоиме изменетата програма, но за следната година ќе бараме модел како да потрошиме дел од овие пари за да се наградат најдобрите лозари“ рече советникот Лазар Туриманџов.
Советникот Ташо Радњански рече дека му пречи тоа што програмата за кавадаречка манифестација подготвува некој што не е од Кавадарци.
„Зошто дел од тие пари да не одат за полски патишта или награди за лозарите. Наместо да извезуваме традиција, ние увезуваме. На ваков празник треба да го промовираме она што е наше, за да не се изгуби автентичноста на Кавадарци“ порача Радњански.
Од СДСМ беше побарано кога ќе се пишува програма за било каква друга манифестација да има дебата.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Јованчев во својата дискусија нагласи дека ќе ја подржат програмата.
„Со оваа програма се надевам дека Кавадарци ќе го брендираме и другите ќе ни позавидат. Добро е тоа што над 90 отсто од учесниците во програмата се кавадарчани“ рече Јованчев.
Aнгел Данов