Винарија „Тиквеш“ е повторно со седиште во Кавадарци
После десет години седиштето на винарската визба „Тиквеш“ повторно се враќа во Кавадарци. Оваа информација денеска на прес конференција ја потврдија градоначалникот Митко Јанчев и директорот на визбата Радош Вукичевиќ.
„Ова е прекрасна вест за лозарите, за градот! Винарската визба ,,Тиквеш’’ е компанија од големо значење за Општина Кавадарци, пред се поради големата соработка со лозарите. Лозарството е најзначајна и најзастапена гранка во Тиквешкиот регион, и заслужува големо внимание. Речиси секое кавадаречко семејство поседува обработлива земја на која одгледува винова лоза. Седиштето на ,,Тиквеш’’ подолг период е во Скопје, се до ден денешен. Со заеднички договор со управниот одбор на винарската визба ,,Тиквеш’’, компанијата одлучи седиштето да го врати во Кавадарци. Одлуката ќе влијае врз соработката со граѓаните на Кавадарци и лозаропроизводителите и ќе придонесе кон локалниот економски развој“ рече Јанчев и нагласи дека од големо значење е тоа што бизнис секторот во Кавадарци се збогатува со уште една компанија која е симбол за општината.
Генералниот директор на винаријата, рече дека одлука за враќање на седиштето во Кавадарци е донесена по направените анализи, а е во насока на намерата на компанијата да придонесе за локалниот економски развој на Кавадарци.
„Со тоа, веруваме дека ќе ја интензивираме соработката со лозарите и другите винарници, но и со самиот град и со градоначалникот. Веруваме дека заеднички можеме да придонесеме во низа на инфракструктурни и развојни проекти, како развој на туризам, вински туризам, и винарството првенствено. ,,Тиквеш’’ е најголемата винарија во Македонија и тоа го може “ изјави Вукичевиќ и одговарајќи на нашето новинарско прашање околу претстојниот откуп на грозјето нагласи дека визбата веќе е подготвена за соработка во таа насока со лозарите./А.Д