Храмот Свети Димитрија во Кавадарци добива нов лик
Камен по камен, линија по линија, мајсторите и уметниците интензивно работат на реконструкција и фрескоживопис на храмот посветен на великомаченик Свети Димитриј во Кавадарци.
Надворешните ѕидови на црквата целосно се изѕидуваат со камен, а внатре веќе се завршени повеќе композиции од фрескоживописот.
„Сите вработени, сите граѓани што поминуваат тука, се радуваме како напредува реконструкцијата на црквата, со помош на нашиот заштитник Свети Димитриј. Мајсторите самите се вживуваат во изградбата на овој прекрасен храм. Уметниците интензивно сликаат. Се надеваме до година изградбата да биде завршена и да ја осветиме“ – рече старешината на храмот,отец Мартин Деневски.
Сите верници кои сакаат да се вклучат во реновирањето на црквата посветена на заштитникот на Кавадарци, Свети Димитрија, можат да се вклучат со свои донации.
„Голем број верници веќе донираа. Се надеваме дека и нашите иселеници од Кавадарци во странските земји, кои се тука крстени, венчани, дека и тие ќе земат учество со свои донации за да го возобновиме и разубавиме овој храм посветен на заштитникот на Кавадарци.“ додаде Деневски.
Со реновирање се започна по изградбата и ставањето во функција на верниците на црквата Света Петка во новиот центар на градот. И покрај реновирањето на „Свети Димитрија“ верниците можат да ја посетат црквата во секој ден и за празник./A.Д