Пробиен патот до велешкото село Иванковци
Селото Иванковци два дена поради снежните намети беше отсечено од Велес. Утринава екипи на ЈП Македонија пат со механизација го расчисти снегот и патот до селото повторно е прооден. Снежните намети, високи и по неколку метри, ги блокираа жителите на Иванковци кои имаа проблеми со снабдување на основните прехрамбени производи особено со леб кои секојдневно го добиваа од градот.
„Во селото има околу 50 сантиметри снег кој го блокираше патот кон Велес и им создаде проблеми на луѓето кои што работат во градот. Но најголеми проблеми направија високите намети од снег предизвикани од силниот ветер кој деновиве дуваше. Сега со пробивањето состојбата е нормализирана, жителите добија леб и други прехрамбени производи“, рече Милан Ѓуриќ, жител на село Иванковци.
Со расчистувањето на наметите селата Иванковци и Мамутчево повторно се поврзани со магистралниот пат Велес-Штип. Според кажувањата на Ѓуриќ од високите снежни намети се уште се блокирани патиштата кои водат до селата Рудник, Џидимирци, Крушје и Лугунци. Во овие отсечени села живеат околу стотина луѓе.
Според сточарите од овие населени места, доколку повторно ги зафати снежно невреме, ќе се соочат со проблем од недостиг на храна за овците, кравите и другиот вид добиток./С.А