Пеперутки, Супермени,Спајдермени и принцези шетаат низ велешките улици
Празник за очи и душа беше денешната глетка во Младинскиот парк во Велес. Супермени, Бетмени, принцези, пеперутки, Спајдермени и уште десетици омилени ликови од детските бајки и серии пресликани во маските на најмладите велешанчиња кои денеска го преплавија паркот. Поводот беше 1 април, денот на шегата. Детскиот џагор, играта и песната оддекнуваше на сите страни. Шаренилото од боите на маските на децата одблеснуваше од сончевите зраци.
„Ние сме учениците од основното училиште Св. Кирил и Методиј. Јас сум преправена во Пипи долгиот чорап, а ова до мене е татко ми црниот крал и пријател на Томи и Аника. Маската ми ја направија мама и баба. Тука сме да го одбележиме први април, денот на шегата, па затоа не пропуштивме и да направиме по некоја шега“.
„Нашите маски се индијанка и дама и ни ги направија мајките. Ние сме заедно како во цртаните филмови“.
На годинешната априлијада учествуваа децата од сите основни училишта во градот и најмладите од детската градинка Димче Мирчев.
„Денешниот настан по повод денот на шегата претставува само уште една прекрасна глетка која што го овозможија нашите најмали со нивните преубави маски. Јас им благодарам на наставниците, воспитувачите и нивните родители кои се потрудија да изработат толку оригинални маски и да допринесат во целокупната денешна атмосфера“, рече општинскиот инспектор за образование Македонка Виларова.
Велешани денеска имаа ретка можност да уживаат во прекрасната глетка не само во Младинскиот парк туку и низ градските улици кога децата облечени во своите уникатни маски продефилираа заедно со своите наставници и воспитувачи./Д.С