Учениците во велешките училишта полагаат екстерен тест
Над три илјади ученици од основните и средни училишта во општините Велес, Градско и Чашка денеска го полагаа екстерниот тест. Одговорните во училиштата велат дека проблеми од технички или каков било друг аспект немало и дека тестирањето започнало навреме. Учениците ги полагаа сите предмети. Според дел од нив прашањата биле лесни но имаше и такви ученици кои тврдеа дека не сите прашања им биле јасни.
„Прашањата не беа тешки затоа што сите ни се познати и сме ги учеле во текот на школската година“, рече средношколец во Гимназијата „Кочо Рацин“.
„Релативно добро поминав на екстерното. Морам да признаам дека имаше неколку прашања што не ми беа јасни, но мислам дека останатите ги одговорив успешно“,рече ученик во Гимназијата „Кочо Рацин“.
Задоволни од екстерното тестирање се наставниците од средните и основните училишта. Како што не информираа некои од директорите очекуваат дека резултатите ќе бидат подобри од минатогодишните поради тоа што учениците претходно поминале добра подготовка за екстерното тестирање./С.А