Состојбата во велешка Колска тема на препукување меѓу власта и опозицијата
Велешката опозиција обвини за состојбите во Колска и тврди дека виновни за тоа што работниците се оставени без работа, плата и здравствено осигурување се криминалните политики на ВМРО ДПМНЕ во последните десет години и неспособното управување на нивните кадри.
„Новиот директор на Колска Борис Алчев треба да излезе во јавност и да одговори зошто се уште не се исплатени платите и придонесите на работниците и кога ќе престане нивната неизвеснот. Да одговори дали Колска и должи на УЈП над 285 илјади евра по основ на ДДВ и Данок на добивка и дали за власта Колска и нејзините работници отсекогаш биле отпишани“, рече Иван Ивановски, ОО на СДСМ Велес.
На обвинувањата на опозицијата веднаш одговори и партијата на власт. Во писмената реакција се вели дека ова е само уште еден обид на СДСМ да се приграби за ситни политички поени.
„За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ на прашањето за „Колска” никогаш не ветувал нереални работи. Ние никогаш не ветуваме чуда, туку бараме остварливи решенија. Локалните функционери редовно и интензивно комуницираат со извршната власт во изнаоѓање на решенија за статусот и работењето на оваа фабрика“, стои во писмената реакција./Д.С