Мисијата на ОБСЕ поттикнува поголемо вклучување на граѓаните во креирањето на локалниите политики
Не е мал делот на Општини во Македонија кои како системски решенија ги вградиле принципите на демократско управување поточно концептот на граѓанско учество во своите политики и програми. Наместо средби од видот про- форма, еднаш до два пати годишно, тие постојано ги вклучуваат граѓанските иницијативи пред донесувањето на програмите за работа, за буџетите или завршните сметки, ги канат граѓаните на дискусии или јавни расправи. За жал најголем дел од македонските општини тоа не го прават покажа истражувањето на Мисијата на ОБСЕ од 2015 година и тоа е причина за кампањата чија цел е зголемено учество на граѓаните преку поттикнување на иницијативи и предлози што ќе бидат приоритети на локалните власти.
– Имаме нов политички естаблишмент на локално ниво и сакаме граѓаните да се охрабрат и повеќе да учествуваат во работата на своите општини, да бидат активни чинители и гласно да го кажуваат своето мислење. Односно да се избегне пасивноста која можеби не е иманентна на овие простори. Поточно да ги охрабриме за секој од нас да направи нешто за подигнување на квалитетот на живот во нашите локални заедници, рече Маја Лазарова Крстевска национален програмски офицер во одделот за демократско управување на ОБСЕ.
Во четирите општини, Велес, Чашка, Градско и Лозово, како дел од Вардарски регион постои голема разлика кога се во прашање вклученоста на граѓанските приоритети и постигнатите резултати на Општините. За жал како и да не постоеше активното вклучување на граѓаните во креирањето на локалните политики до првото тромесечие на 2017 година. Советите на Општините и сега не ги канат граѓаните и граѓанските организации на седниците па нема информации за што тие расправаат и какви одлуки донесуваат.
– Но, како граѓански сектор ние знаеме дека имаме реакции по донесување на одлуките. На пример како од бизнис групи или групи со поинакви интереси, затоа што не се прашани. И тогаш веќе имаме конфликтна ситуација во локалната заедница. Сите треба да бидат вклучени, редовно и континуирано, рече модераторот на дебатата Димче Велес од Фондација за локален развој и демократија “Фокус“ од Велес.
Велев направи споредба со периодот пред десет години кога Фондацијата го следела и подготвила истражување за реализација на целиот процес. Тогаш 70 % од 115 предлози на граѓани, граѓански организации и месни заедници биле прифатени од страна на локалните власти а 20 % реализирани на крајот на годината, што преставува релативно добар процент за македонски услови.
Кампањата на Мисијата на ОБСЕ за поголемо учество на граѓаните и подобрување на квалитетот на живот во локалната заедница се реализира под слоганот „Ако јас се прашувам“ .Таа има за цел да ги поттикне граѓаните и зајакне капацитетите на граѓанскиот сектор , бизнис заедница, институциите, образованието и локалните власти да иницираат проактивност и да креираат соработка./У.Ј