Змија надвисната над тунелчето во Дворови ги распамети граѓаните што таму живеат
Змија, долга повеќе од еден метар, деновиве лежела на бетонскиот ивичник на железничката пруга Велес – Штип под кој се наоѓа мал тунел што се користи како влез во крајниот дел на населбата Дворови во центарот на Велес. Змијата ги распаметила граѓаните што минуваат низ тунелчето. Нејзината глава висела под ивичникот или над самото тунелче. Граѓаните што во моментот биле сведоци на грозоморната глетка раскажаа дека прво што им дошло на ум било да се обидат со камења да ја погодат и убијат змијата.
Но, не успеале во намерата бидејќи змијата веднаш се сокрила во жбуновите од дрвја под самата железничка линија. На гледката сведоци биле и неколку деца кои просторот во близина на поранешната Црковно народна кујна го користат за игра. Настанот деновиве се прераскажува помеѓу граѓаните на улиците Страшо Пинџур и Благој Нечев кои секојдневно минат низ тунелчето. Тие велат дека стравуваат за својата безбедност.
Случката утрово е пријавена кај општинската инспекторка за заштита на животна средина Билјана Шуркова Манаскова која соопшти дека службите на општината и на ЈКП „Дервен“ излегле на терен и направиле увид на посочената локација.
– Стручните служби на општина Велес и ЈКП „Дервен“ веднаш излегоа на терен и е констатирано дека од левата и десната страна на улицата веднаш под железничката пруга има густо и неорганизирано зеленило. Утре, во раните утрински часови, целиот тој простор ќе биде исчистен, рече Шуркова Манаскова.
Таа додаде дека годинава, поради континуираните дождови, во скоро сите делови на Велес има густо и неорганизирано зеленило кое преку интензивна еденомесечна работа вработените во комуналното претпријатие се обидувале да го исчистат. Сепак проблем преставувал бројот на ангажирани комуналци кои се вклучени во расчистување на неорганизираното зеленило за што инспекторката побара разбирање од страна на граѓаните.
Освен змијата која дворовчани ја опишаа како долга, со црна опашка и голема глава во оваа велешка населба што гравитира од железничката пруга Велес – Штип до брегот на реката Вардар граѓаните рекоа дека често гледаат и мали змии за кои сметаат дека се водни. Тие исто така побараа поголем ангажман и на ЈП „Македонски железници“ во средувањето на грмушките кои интензивно растат покрај пругата и над улиците по кои секојдневно се движат./У.Ј