Инвазија од лажни профили на градоначалници и кандидати за пратеници, кои завршуваат и на некролози како мртви
Автор: Убавка Јаневска
Во Велес, последниот таков обид беше поврзан со десетиците партиски активисти на СДСМ, на чии лажно искреирани профили се објави веста за смртта на кандидатот за пратеник на СДСМ, доктор Зоран Арсовски, и тоа во време на официјалната кампања на парламентарните избори.
Педесет лажни профили, за пет години, со личните податоци на Горан Стојановски, актуелен градоначалник на Општина Чашка, го преплавуваа Фејсбук. На нив се објавувани украдени фотографии од личниот профил на Стојановски. И само тие беа автентични, додека, пак, статусите ги пишувале или ги пишуваат луѓе, кои имале за цел да внесат забуна кај граѓаните и кај пријателите на градоначалникот.
Во содржините на статусите, многу често можеа да се прочитаат информации, кои имаа за цел да ги нарушат меѓуетничките односи во локалната заедница, главно составена од Македонци, Албанци и Турци или да го омаловажат градоначалникот, како на лична, така и на партиска основа, како член на СДСМ. Стојановски ги пријавил сите лажни профили во полиција и во Јавното обвинителство, но засега креаторите не се откриени.
Последниот лажен профил на актуелниот градоначалник на Чашка е со датум од 15 март годинава. Тој, истиот ден, со статус ги информира пријателите и граѓаните што се случува.
Во објавениот пост пишува дека му е украден личниот идентитет и дека статусите со навредливи содржини не ги пишува тој, туку непознато лице, кое неговото име и презиме ги напишало со латинични букви.
„Воедно, сакам да ве информирам дека мојот сопствен профил со кирилична поддршка Горан Стојановски е (верифициран автентично од Фејсбук). Доставив барање до МВР веднаш да го испитаат случајот, кој го сторил тоа и кој го контролира лажниот профил со латинична поддршка, кој му нанесува штета на угледот на моето име и презиме како градоначалник на Општина Чашка.
Упатувам барање, и до МВР, и до ОЈО, веднаш да преземат мерки и да го најдат сторителот, и најостро да го санкционираат“, напиша Стојановски.
ПЕТ ГОДИНИ ЛАЖНИ ПРОФИЛИ НА ИНТЕРНЕТ
Деновиве, Јасно.мк, на оваа тема разговараше и со градоначалникот, па го прашавме дали можеби e откриен сторителот на последниот негов лажен профил, има ли лични сомнежи за евентуален сторител и како успева да се справи со дезинформациите и особено со навредите што му се упатени?
„Во изминативе пет години се соочувам со инвазија од лажни профили на интернет. Сите се пријавени во полиција. Досега нема епилог со откриен или осомничен. Се сомневам за авторите на некои статуси, но за сигурно да тврдам, потребни се докази. Особено за статусите што содржат навредливи содржини. Воопшто не е едноставно да се читаат.
Исто така, опасни и тенденциозни се статусите со кои се прават обиди да се нарушат меѓуетничките односи во локалната заедница. Мора да потенцирам дека, како одговорен и совесен граѓанин, тие ме загрижуваат. Локалната заедница, во која ја извршувам функцијата, е мултиетничка и воопшто не е потребно преку дезинформации да се подгреваат тензии, рече Стојановски.
Градоначалникот додава дека засега, со помош на пријателите и вработените во Општина Чашка, бргу го откриваат овој вид злоупотреба на социјалните мрежи, па реагираат преку статуси, со цел да спречат дезинформациите да бидат прочитани од голем број граѓани.
Освен за нанесување штета на угледот на личностите, за политички пресметки, како во партиите, така и меѓу нив, и за подгревање меѓуетнички тензии, социјалните мрежи се и дувло за ширење морбидни, стресни и нечовечни дезинформации. Сѐ почесто, како од шега, на Фејсбук може да се добие покана од профил на луѓе, пријатели или познаници, со објава на статус за нивна смрт.
ЛАЖЕН НЕКРОЛОГ НА ДОКТОР И КАНДИДАТ ЗА ПРАТЕНИК
Во Велес, последниот таков обид беше поврзан со десетиците партиски активисти на СДСМ, на чии лажно искреирани профили се објави веста за смртта на кандидатот за пратеник на СДСМ, доктор Зоран Арсовски, и тоа во време на официјалната кампања на парламентарните избори.
Креаторот создал безброј лажни профили на пријатели или партиски колеги на д-р Арсовски, со објавени статуси дека жалат за смртта на својот колега или пријател. Овие лажни профили побараа пријателство на Фејсбук од стотици велешани на 5 маj, годинава.
Доктор Арсовски, специјалист хирург и ортопед, како и директор на Општата болница во Велес, се најде и на интернет-некролог.
„На ден Велигден да правиш лажни профили и да споделуваш лаги е грев, резил и дно. Пријавувајте го лажниот профил со моето име и презиме запишано на латиница,“ напиша велешанка.
Сопартијците на Арсовски први алармираа за лажниот профил. Едни почнаа да споделуваат информации дека, не тие, туку лажен профил со нивното име и презиме нудат пријателства со дезинформацијата за смртта на директорот. Сепак, работата не застана тука, профилите се множеа.
„На гнасотиите им нема крај, гнасно, морбидно… Ве молам, пријавете и блокирајте го овој профил, не е мој! Која мизерија!“, напиша велешанка.
Во коментарите, сите граѓани на Велес го осудија чинот, не штедеа погрдни зборови и пцости.
По неколку дена, сите лажни профили молскавично исчезнаа, како што молскавично и се појавија.
Лекарот и директор на велешката болница ги видел новоотворените профили, но не сакаше да го коментира страшниот статус упатен на негова адреса. Тој, за Јасно.мк, изјави дека не сакал дополнително да го трауматизира семејството, особено децата. Затоа не ги пријавил дезинформациите во полиција.
МОРА ДА СЕ СТОПИРААТ ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ
И не само политичари, туку и други познати личности во државава се прогласуваат за мртви додека се живи.
Аналитичарот Петар Арсовски е злоупотребен во реклама што кружеше на интернет. Тој не ја пријавил злоупотребата во МВР, туку одлучил да бара заштита за злоупотребата на лични податоци и за дезинформациите надвор од државава. Поточно во централата на Фејсбук, во САД, од каде што директно реагирале и ги изгаснале страниците што извршија директен атак врз него.
Арсовски, за тоа што им се случува на политичарите, вели дека тоа се ситуации кога најчесто политички опоненти сакаат да импутираат ставови, кои се различни од тие на ривалите, со цел да нанесат директна штета на кариерата или на шансата за избор за време на изборни процеси.
Тој смета дека во интернет-просторот, јавната свест на граѓаните во Македонија е ниска.
Иако смета дека тешко се постигнува заштита во интернет-просторот, Арсовски препорачува граѓаните да ги следат профилите на социјалните мрежи и да не се откажуваат од пријавување на дезинформациите и злоупотребите во МВР, во Оддел за компјутерски криминал, како и во Јавното обвинителство.
Приказната е превземена од Јасно.мк.