Полициски службеници ќе се грижат за безбедно стигнување на учениците во велешките основни училишта
Да се почитуваат сообраќајните правила и да не се паркираат возила во непосредна блчизина на влезовите на основните училишта во градот. Со ваков апел до родителите денеска на првиот училишен ден излезе велешката полиција. Од таму велат дека најпроблематична и најсериозна е состојбата пред основното училиште Блаже Конески, особено во попладневните часови кога децата си заминуваат од училиштето. Споредните улици пред дворот на училиштето се целосно блокирани од возилата на родителите кои ги чекаат своите деца, па на тој начин ја загрозуваат безбедноста и на оние ученици кои пеш си заминуваат дома.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот за поголема толерантност кон пешаците, особено кон децата и почитување на поставената сигнализација со цел давање заеднички придонес за безбедноста во сообраќајот за најмладите. Особено апелираме да се почитуваат правилата за запирање и паркирање на автомобилите непосредно пред влезот на училиштето, бидејќи со тоа се доведува во опасност движењето на другите учесници во сообраќајот, особено на учениците – пешаци“, стои во писменото соопштение од СВР Велес.
Голем сообраќаен метеж се создава и на раскрсницата пред основното училиште Васил Главинов со што директно се загрозува безбедноста на учениците. Неопходна е голема внимателност при преминувањето на улиците до влезот на училиштето.
Од денеска, во секој работен ден, полициски службеници од Полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата, ќе стојат пред влезовите на основните училишта и ќе се грижат сите ученици особено најмалите, безбедно да ги преминуваат улиците и безбедно да стигнат во училиштата./Д.С.