Опасност ги демнее бездомните животни, утрово, уште едно угинато куче на патеката на Младински парк
Отепано или отруено од граѓани, најверојатно бездомно било кучето што утринава ги затекнало граѓаните на една патека во Младински парк. За поголем дел од нив глетката била шокантна бидејќи се љубители на домашни животни. Овие граѓани побараа безживотното куче да биде тргнато од местото на кое било убиено.
Дел од нив се посомневаа во нова акција за труење на бездомните животни во градот. Други го препишаа на злодело на малолетник кој живее во Велес и за кои тие и Здружението за заштита на животни „Гласот на животните“ имаат информации дека е дел од група што ги лови бездомните кучиња и мачки за да ги однесат на локација близу месноста Рамина каде ги мачат до смрт без храна и вода.
Повеќе од вознемирувачки се информациите дека малолетникот живи ги дерел бездомните животни. За овој случај го прашавме и Градоначалникот на Велес кој негираше дека има било какви информации.
– Немам информација за таков случај, рече Аце Коцевски како одговор на новинарско прашање на една од прес конференциите.
Здружението за заштита на животни „Гласот на животните“ велат дека го знаат малолетникот, неговиот идентитет и досега се обидувале да делуваат со пријави во полиција.
Безуспешен остана и обидот да дознаеме можеби нешто повеќе за профилот на личноста на малолетникот доколку го има во евиденцијата или можеби е пријавен и во Центарот за социјални работи во Велес.
Доколку се точни информациите на граѓанското здружение тогаш опасноста можеби не ги демнее само бездомните животни. Нив засега нема институција што може да ги потврди.
Инаку граѓаните се се почети сведоци на групи на деца, кои дење најчесто просат по градските улици, кафетерии, пазари, навечер бездомните кучиња врзани со телови и жици се обидуваат да ги влечат и носат најверојатно над Рамина. Штом им се заканите веднаш ќе повикате полиција тие ги пуштаат од ортомите што не значи, потоа, кога ќе се оддалечите, дека повторно не ги ловат и влечат кон карпите над велешката населба Рамина./У.Ј