Кинески научници открија извор на бесплатна енергија за човештвото
Кинеските научници пронајдоа нов лунарен минерал во облик на кристал кој се криел во примероци собрани на Месечината во 2020-та година. Новиот минерал од Месечината е пронајден во честички од лунарен базалт кој се истражува во лабораториите во Кина. „Чангезит – (Y)“ наречен по кинеската митолошка божица на месецот, Чанг’е, е фосфатен минерал и столбест кристал.
До ова откритие дошле научниците од Пекиншкиот истражувачки институт за геологија кои пронашле еден кристал „Чангезит – (Y)“ користејќи дифракција на рендгенски зраци додека ги проучувале честиците собрани на Месечината.
Комисијата за нови минерали, номенклатура и класификација (CNMNC – Commission on New Minerals, Nomenclature and Classification) при Меѓународното минералошко здружение (International Mineralogical Association – IMA) потврдила дека станува збор за нов минерал, според извештаите на кинеските државни медиуми.
Мисијата „Чанге-5“ која слетала на „Oceanus Procellarum“ на Месечината во декември 2020-та година, била прва мисија за враќање на лунарни примероци од седумдесеттите години на минатиот век.
Мисијата собрала 1,74 килограми примероци од месечевата површина и безбедно ги испорачала на Земјата, што довело до низа откритија. Кристалите од минералот биле многу ситни, околу една десетина од големината на влакната на човековата коса.
Се очекува дека следната кинеска мисија на Месечината, „Чанге-6“ ќе се обиде да ги собере првите примероци од другата страна на Месечината, која никогаш не била завртена кон Земјата.
Кинезите тврдат дека новооткриениот минерал содржи „хелиум-3“, изотоп кој многу научници го прогласиле за идеално гориво за реактори за фузија, па затоа откритието на кинеските научници предизвикало голем интерес на геолозите со оглед на тоа дека се верува дека „хелиум-3“ има потенција да го промени светот.
Научниците уште од програмата „Аполо“ знаеле дека површината на Месечината содржи „хелиум-3“. Главна предноста на фузијата на „хелиум-3“ во однос на фузијата со трициум и деутериум, изотопи од водород, е тоа што не создава радиоактивни неутрони. Неговиот главен недостаток е што постигнувањето на контролирана реакција со „хелиум-3“ е многу потешко отколку со користење на конвенционални горива.
Токму затоа не е чудно што светските сили повторно развиваат вселенски програми за враќање на Месечината – наука, трговија, но и престиж кој се претвора во мека политичка моќ. Меѓутоа, откритието на кинеските научници за постоењето на „хелиум-3“ носи до заклучок дека Месечината од средината до крајот на 21-виот век би можела да стане идниот „Персиски залив“.
Чистата и масовна фузиска енергија би го променила светот на начин кој одвај може да се предвиди. Секако, останува проблемот технологијата за фузија на хелиум-3 да се совлада, и веројатно нема да стане реалност пред средината на овој век.
Затоа изгледа дека и Месечината наскоро ќе стане бојно поле на големите сили, бидејќи земјата која ќе го контролира изворот на енергија кој ќе ја одржува технолошката цивилизација, а ќе ја заштити планетата од климатските промени, ќе ја контролира цела земја.