Нови македонски стрип изданија на Стрип центарот
Стрип-центарот на Македонија, со седиште во Велес, oтпечати книги во тврд повез наменети за македонскиот пазар, но и пазарот на соседни држави. Станува збор за изданијата „Итар Пејо 2 книга“ од Диме Иванов Димано, „Цар Гаврило Радомир“ од Миле Топуз, детскиот стрип „Убавите нешта“ од Раде Дичоски, како и „Зад црното сонце“ на српскиот автор Срѓан Николиќ-Пека.
Овие изданија се дел од годинашна продукција на Центарот.
– Нам не ни е воопшто тешко да издадеме стрип дела. На почетокот на годината, веднаш после објавувањето на годишната програма на Министерството за култура издадовме стрип-книги а имаме и нови, потенцијални автори кои сакаме да ги привлечеме. Така издаден се историска приказна, детска приказна, трилер и стрип со теми од македонската традиција. Лани издадовме стрип-книга на албански јазик како прва во Македонија, додека годинава продолжуваме со тоа што отпечатиме стрип книга на српски јазик. Нејзин автор ќе биде Срѓан Николиќ Пека кој е голем пријател на македонската стрип сцена и победник на последниот интернационален стрип натпревар во склоп на интернационалниот стрип салон во Велес, рече извршниот директор на Стрип центарот на Македонија, Ване Трајков.
Исто така Центарот го издаде стрипот за царот Гаврило Радомир како и стриповите за Ѓорги Војтех, Добромир Хрс и Стрез, господарот на Просек. Дизајнот, изработен на високо професионално и естетско ниво, го подготви штипјанецот Александар Стеванов.
Четирите стрип-книги можат да се набават од издавачот и во стрип-книжарницата „Бункер“ во Скопје./У.Ј