Елпида ќе ја освојува Венеција со уметнички инсталации!
Макотрпен и трнлив е патот до успехот. Но неописливо е чувството кое се доживува на крајот. Макотрпни се и подготовките за 55-то Венецијанско Биенале, но на успехот на Елпида Хаџи Василева се радува цел тим кој неуморно работи на свилениот пат.
Елпида е 41 годишна кавадарчанка и упорна уметничка, која Македонија годинава ќе ја претставува на престижната светска ликовна манифестација. „Финалниот изглед на проектот ќе биде во директна зависност од просторот кој ќе го добиеме на биеналето во Венеција“ рече Елпида. За неа а ова е второ учество по ред. Претходно со дела учествувала во рамките на групна изложба со уметници од Англија.
„Водени од желбата да сме меѓу неа или нејзините непроценливо богати дела успеавме да бидеме дел од активно работниот дел на денот и подготовките за биеналето“ рече таткото на Елпида, Томе Хаџи Василев. Елпида за жал, мораше да биде во работилница и да дава инструкции за подготовка на делата изработени од метал. Но затоа нејзиниот татко успешно ни го претстави проектот. Тој има наслов „Фисија- свилен пат“ и него ќе можат да го видат љубителите на уметноста од 1 јуни до 24 ноември во Венеција.
„Идејата на целиот проект е да го проследи историското и географско ширење на болеста црна чума во светот, Италија која не била поштедена, но и која како држава се наоѓала на патот на тргувањето со свилата или така наречен свилен пат. Болеста ја пренесувале стаорците кои пак од друга страна се еден заштитен знак на Венеција“ рече Хаџи Василев.
Тој појасни дека во најновото творештво на неговата ќерка треба да се забележи специфична естетика во која убавото и грдото ги менуваат улогите, притоа ни едното ни другото докрај не ослободувајќи се од товарот на потребата за естетско. Елпида најчесто работи со неуметнички материјали како кожа од внатрешни органи на животни.
Нејзиниот проект кој годинава ќе ја претставува Македонија на Биеналето се состои од метал, свила, кожурец од свилени буби, плохи од пресувани кожи како и живи бели стаорци.
Семејството на Елпида под нејзини инструкции неуморно работеше на финалниот дел од создавањето завеси од свилени буби.
Елпида Хаџи василева е родена во Кавадарци. Таа високо и специјализирано образование во областа на уметноста заврши на кралскит колеџ во Лондон, Англија. Но таа не се врати веднаш дома, туку остана да живее, да твори, да излага проекти во Велика Британија и други културни центри низ Европа и Светот. / А.Д