„Во одбрана на македонскиот идентит“ шеста книга на д-р Веле Алексоски
Во неа се објавени написи и сеќавања на многу Македонци од кои авторот ги собрал во изминатите 25 години додека патувал низ Америка и низ Европа, како претседател на Светскиот македонски конгрес. Д-р Алексоски овојпат посветува внимание на националната историја од 19 и 20 век. Тој објавува сведоштва, на како што вели прогонети македонци од социјалистичкиот режим на поранешна Југославија како и на семејствата на Питу Гули, Никола Карев, Маца Овчарова, Ченто, Ганчо Хаџи Панзов и Миле Поп Јорданов.
– Пренесувам сведоштвата за времето подзаскриено од очите на обичниот човек, за вистина која била искривена и обвиткана со таен превез а била јасна за страдалниците на социјализмот. Објавив сеќавања и за судбината и животот на Македонците од Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија. Преку сведоштва го опфатив и пост воениот период, после 1945-та преку примери за национализацијата, аграрната реформа кои ги запустија македонските села, рече Алексоски.
Станува збор за автор кој будно го регистрира катадневието, го создава во литература, го збогатува со вистинска галерија од ликови и карактери, настани и случки, рече на синоќешната промоција рецензентот Нада Алексоска.
– Расказите по темите и мотивите во оваа книга преставуваат потресни, документаристички страници за македонската голгота и во нив авторот потајно ни ги дообјаснува личностите и судбините, рече Алексоска.
Книгата „Во одбрана на македонскиот идентитет“ е објавена во 350 примероци. Со промоцијата започна вториот дел од манифестацијата „Топол културен бран“ во Велес, на општина Велес и Министерството за култура.