Промовирана третата стихозбирка „Прозорец во душата“ на поетесата Трајанка Тодорова
Животот,со сите свои подеми и падови,со сите ѕвездени и правливи мигови, со сите насмевки и солзи е оној неисцрплив, непресушлив бунар од кој црпи поетската душа на Трајанка. Се чини дека поетесата во стихозбирката ја воспева сопствената болка, исто како и сопствената среќа, сопствените стравови и сопствените желби, водејќи ја така својата борба со животот. Кога тој ќе удри силно,таа исто така силно возвраќа со стих. Цел спектар на дразби се содржани во книгата „Прозорец во душата“, зошто поинаку и не е возможно.
„ Сметам дека сме искрено и длабоко почестени што имаме можност и привилегија да ѕирнеме,барем за миг во душата на една искрена и една силна жена како Трајанка. Да стоиш пред светот со своите вистински чувства, со своите искрени мисли, разголени стравови и желби, фантазии и чувства, без маски и без псевдоними, без бариери, може единствено да се нарече храброст, “ рече на синоќешната промоција писателот Игор Крајчев.
По дванаесетгодишна пауза најновата, трета стихозбирка на Тодорова беше промовирана во Градската библиотека „Гоце Делчев“. Рецензентот на делото, поетесата Бистрица Миркуловска , во предговорт на стихозбирката напиша:
„ Во продолжение по Белите МУГРИ, низ монологот Тодорова вели: – Барем еднаш да го почувствуваше здивот на слободата и убавината на силно светнатиот ден…РОДНОТО ДРВО низ стиховите на Трајанка е длабоко вкоренето, со широки стебленца секаде низ татковината со вековито вгнездени спомени за борците на слободата.“
Поетесата Трајанка Тодорова претходно е автор на стихозбирките „Задоцнета пролет“ и „Немир и спокој“.