„Штом чукне полноќ…“ – боемска вечер во Кавадарци
По втор пат кавадарчани уживаа во староградската песна и во вистинскиот боемски времеплов. „Штом чукне полноќ..“ беше насловена вечерта на серенадата и убавата староградска песна што синоќа се одржа во ресторанот „Бриони“ на градскиот парк во Кавадарци.
Се пееше со срце и душа. Присутните се потсетија на времето кога вратите кавадарчани ги отвара широко за своите пријатели кои им доаѓале на серенада. Време кога се пеело до раните утрински часови, дружбата била пред се друго, а серенадата наутро завршувала со познатите кавадаречки пешии.
Серенадата раскажува за питомоста, гостропримливоста и ширината на жителите од Тиквешијата кои сакале секој гостин да го пречекаат и почестат со добро вино и ракија.
Одбран е токму насловот„ штом чукне полноќ“ затоа што по полноќ паѓал договорот каде ќе се пее серенада- вели Љупчо Каров Бубо кој заедно со групата „Трио Гранде“ ја разубави боемската вечер исполнувајќи неколку песни . Според раскажувањата на неговиот татко се сеќава Бубо, во минатото најчесто на серенадата се давал збор за веридба меѓу момче и девојка кои се сакаат што секако е еден многу убав белег карактеристичен за кавадаречката серенада .
Годинава на боемската вечер настапија најпознатите кавадаречки музичари, кои заедно со артистите од кавадаречкиот театар придонесоа за успешноста на ова второ издание на боемската вечер која треба да прерасне во традиција.
„Оваа боемска вечер ќе прерасне во фестивал на стартот на Кавадаречката културна есен во кој сите кавадаречки групи и пеачи ќе изведуваат песни од Никола Бадев“ рече директорот на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ Владимир Темков.
Настанот го организираа Домот на културата „Иван Мазов Климе“ и Советот на општина Кавадарци .