Започна фрескоживописувањето на новата црква во Кавадарци
Храмот во Кавадарци посветен на Света Петка кој се гради со донација од бизнис секторот и граѓаните ќе биде насликан со сите елементи кои се предвидени за еден православен храм, а посебно ќе бидат нагласени мотиви од 14 век, византиски стил. На празникот Св. Маченичка Параскева-Петка свечено започна фрескоживописот на оваа “убавица“ како што ја нарекуваат кавадарчани.
Павел Апостоловски, раководител на тајфата која ќе го фрескоживописува храмот „Света Петка“, нагласува дека е започната голема и макотрпна работа која ќе трае неколку години, и истата бара многу трпение и одговорност.
Иницијативниот одбор за изградба на новиот православен храм во Кавадарци е задоволен од тоа што сите етапи од изградбата се реализираат според според планираното и дека се избрани најдобри иконографи, уметници и историчари за да го завршат фрескоживописувањето на црквата.
„Црквата досега се гради според планираното и се поблиски сме до целта да го изградиме целосно овој велелепен храм посветен на Света Петка. До крајот на годината ќе биде завршено целото партерно уредување околу објектот“ рече претседателот на иницијативниот обор,сопственик на „Кожувчанка“ и еден од донаторите, Митко Јанчев.
Архитектот на црквата, Трајче Грков, нагласува дека овој објект ќе го одбележи времето во кое живееме, нашите намери, тежнеења и достигнувања. „Ќе оставиме духовна порака за нашите поколенија на целиот македонски народ. За мене беше предизивик да се направи црковен храм од камен како што го правеле старите мајстори, бидејќи денеска е вообичаено големите црковни храмови да се изработуваат од лиени бетонски ѕидни платна и се облоуваат однадвор со камени плочи, а од внатре со печена тула“ рече Грков.
Црквата почна да се гради пред четири години, на 8 август, точно на празникот Света Петка. Најголем дел од средствата донираше Фени индустри и Кожувчанка, а со донации се вклучија и локалната самоуправа, многу фирми и граѓани. Каменот за ѕидање на црквата се донесе од Мариово, бидејќи со тој каменкој има топла природна боја се граделе цркви уште пред десет века./А.Д