Петре Штерјов, од талентирано момче со изразен слух до извонреден пијанист
Така се калеше низ годините малото страмежливо момче Петре Штерјов, кое пред седумнаесет години на „Златно славејче“ ја изведе пеничката “Космонаут“. Тогаш еминентни домашни музичари и композитори, меѓу нив и Александар Џамбазов,проценија дека Штерјов е талент со перфекционален слух. Воопшто не погрешија бидејќи денеска Петре има 24 години, дипломец е на ФМУ во Скопје на одделот музичка теорија и педагогија со хорско диригирање и студент на трета година на одделот пијано на Универзитетот „Гоце Делчев“, како втор факултет. Тој пред еден месец на Интернационалниот музички натпревар „Дојрана“ ја доби Гран при наградата.
Освен што ќе ги слушаме неговите музички изведби како пијанист многу скоро ќе можеме да уживаме и на изведбите на хористите на кои ќе диригира токму Петре Штерјов. Дипломираниот професор по музичка теорија и педагогија засега нема да им предава на учениците затоа што одбра да им се посвети на пијаното и јавните настапи.
И треба да го стори тоа по критиките што ги доби откако на 3 јуни, годинава, настапи како солист со Македонската филхармонија. Како прв велешки инструменталист кој настапил со Македонската филхармонија Штерјов е задоволен од соработката со професионалните музичари и вели дека му причинувало особено задоволство што настапил со нив.
„ Секоја година Македонска филхармонија им дава можност на најдобрите студенти да настапат со неа. Се организира аудиција и на годинешната се пријавив. Имав голема конкуренција во студентите на професорот по пијано Борис Романов и особено ми е драго што покажав што знам и умеам за да бидам избран. На 3 јуни се одржа мојот настап во Македонска опера и балет каде што го изведов првиот став од концертот за клавир и оркестар на Бетовен, оп. XIX. Јас лично сум задоволен од мојот настап и ми беше драго кога ги прочитав одличните критики во весниците,“ рече Штерјов.
Но тоа не е единствениот успех за кој разговаравме со него. Тој летово со максимален број од сто поени, ја доби највисоката наградата Гран при „Дојрана“. На прашањето како се чувствува како добитник на оваа значајна награда на интернационалниот натпревар „Дојрана“, што се одржа од 22 до 28 јуни во Дојран, во конкуренција на неколку десетици музичари од класичната музика од Русија, Бугарија, Србија, Косово и Македонија, Штерјов рече дека конкуренцијата била јака, наградата од 500 евра драга но него особено му е важено што таму доби покана за настап на фестивал – натпревар во Берлин, Германија.
„ Поканата беше за учество или во Берлин или во Тенерифе, во Шпанија. Јас се одлучив за Берлин затоа што е еден од европските центри на класична музика, а јас сакав да го посетам и да настапувам пред тамошната публика. Настапот ќе се случи годинава, во декември. Сакам да подготвам некој нов материјал, нова концертна програма,“ рече Штерјов.
Младиот пијанист храбро зачекори по уметничката врвицата и очекува таа да биде негов животен предизвик. Себе си се гледа како пијанист кој ќе им приредува несекојдневни музички доживувања на љубителите на класичната музика, дома и во странство. Затоа несебично и секојдневно во музицирање вложува најголем дел од своето време. Тоа е единствениот начин да се дојде до крајната цел, успехот.
„ Концертниот настап е плод на талент, образование и постигнување. Тој е мерка за квалитетот на секој музичар. Излегуваш пред публика и музицираш а таа оценува дали си добар или лош, вредиш или невредиш, те бива или не те бива. Се што досега постигнав е мој но и труд, успех на мојата професорка Милица Шкариќ во чија што класа студирам и сум особено горд на тоа,“ рече Штерјов.
Сега нему му престојат месеци интензивно држење со партитурите, пијаното, вежбање и подготовка. Тоа ќе значи откажување од многу задоволства што секојдневно ги живеат неговите врсници. Но, младиот велешки уметник вели дека тоа го знаел кога се определил за оваа професија.
Секако велешани очекуваат , еден негов настап по Берлин, да им посвети и ним бидејќи се подготвени за такво уживање. Исто како и на последниот концерт во Велес кога неговите сограѓани додека ги слушаа звуците на клавирот и изведбите на делата се присетија на малото петгодишно момче кое во музичките води зачекори кога ја испеа песничката „Супермен“ на фестивалот за детска музика „Сребрен ѕвон“ а две години подоцна за него македонската поетеса Македонка Јанчевска го напиша текстот, музиката ја компонираше велешкиот композитор Петре А Костов , аражманот беше на Александар Џамбазов додека песничката „Космонаут“ на фестивалот „Златно славејче“ ја изведе Петре Штерјов.