Велешани вечерва ќе го изберат вториот ФМ Талент
Кој од петмината талентирани музички надежи ќе ја понесе титулата ФМ Талент за 2014 година ќе дознаеме вечерва на Базен Снупи. На музичката манифестација ќе настапат четворица велешани и една скопјанка. Професионалната селекција на организаторот успеаја да ја поминат Тони Андреев, Димитар Србов, Валерија Димовска и Мими Јовановска од Велес како и скопјанката Тамара Ангеловска. Тие изминатиот месец неуморно се подготвуваа и вежбаа со професионален бенд. Што подготвија за да ги освојат жирито и публиката ќе се знае вечерва. Дума.мк Ви ги пренесува изјавите на натпреварувачите на вториот ФМ Талент.
Тони Андреев:
„Ова ми е второ талент шоу на кое учествувам, по „Сите наши песни“ на Македонската телевизија. Инаку, завршив прва година на Музиката академија во Скопје. Татко ми е мојот најголем поддржувач, но и критичар. Тој е музичар и се што научив, научив од него. “
Тамара Ангеловска:
„Доаѓам од Скопје и завршив втора година во средното музичко училиште Илија Николовски Луј во Скопје. Обоата е инструментот кој го одбрав да ми биде музички сопатник. Музиката ми е се во животот. Имам учестувано на други талент шоуа, но ова ми се чини како вистинска шанса.“
Димитар Србов:
„Сакам да пеам балади, по природа сум романтична душа и затоа во вторник ќе ја натерам публиката повторно да ги засака љубовните песни. Долго се мислев дали да се пријавам на ФМ Талент, ама си реков – што биде, нека биде и… тука сум. “
Мими Јовановска:
„Ја имам таа чест по втор пат да бидам на ФМ Талент. Отсекогаш сум сакала да пеам и ова ми се чини одлична можност да го направам тоа. По природа сум весела личност, голема дрдорка сум и другарките постојано ми велат да престанам да зборувам. Од ФМ Талент 2014 очекувам победа и ништо друго.“
Валерија Димовска
„Јас просто уживам во музиката. Имам природен талент за пеење, но и напорно работам да го надградам. Ги сакам медиумите, едноставно ме привлекува сјајот на шоу бизнисот. Ама музиката ми е пред се. Се надевам дека ќе бидам новата Кристина Агилера. Ама за тоа, пред се, ми требаат гласовите на публиката на годинешпниот ФМ Талент.“
Организаторот, Радио 5ФМ, вели дека е подготвен на велешани да им приреди уште едно несекојдневно уживање. За тоа е потребно да се дојде вечерва на Базен Снупи, да се купи влезница која чини 100 денари и со неа да се учествува во изборот на вториот ФМ Талент.
Специјален гостин на вечерта е финалистот од големото талент шоу Х Фактор Адриа, босанскиот пејач Маид Хечимовиќ, кој воедно ќе биде и член на жирито. Победникот на ФМ Талент 2014 како награда ќе добие можност да сними песна, која ќе ја напише познатиот композитор и продуцент Зоран Алексиќ, а ќе биде издадена под етикетата на скопската продукција Sky Eye.
Манифестацијата поддржана со покровителство на општина Велес започнува во 21 часот./Д.С