Последен ден на сликарско копаничарската колонија „Папрадишки мајстори“
Академскиот сликар, Снежана Манасиќ дојде од Панчево во Велес за да учествува на десеттата јубилејна колонија посветена на најголемите македонски градители, неимари и зоографи. Таа е воодушевена од спомен куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот и куќата на Касапови каде се одржува колонијата. Манасиќ вели дека сонцето, кое во Македонија најтопло грее, ја поттикна да создава светли композиции на платната и да употребува топли нијанси на боја.
„Кога дојдов од Србија таму го оставив дождот и облаците кои беа причина за демотивацијата а тука ме пречека вашето топло сонце па ми даде творечка инспирација. Создадов две дела во овие куќи со кои располага градот и морам да кажам дека сместувањето и условите за работа се извонредни. Претходно учествував и на колонијата „Вила Тодоров“ на Кожув. Велес и Кожув се различни, дијаметрално спротивни а се творечки многу инспиративни. Би сакала повторно да дојдам, рече Манасиќ.
Во атељето на куќата на Касапови заедно со Манасиќ сликаше и Галина Малахова. Таа е академски сликар што сега живее и работи во Постојна, во Словенија а е родена во Македонија. На нејзините платна беа насликани композиции инспирирани од природата. На една од нив во прв план беше трнот, кој расте насекаде во државата, а окото на сликарката го виде веднаш штом дојде исто како и сонцето, сувата трева и припекот како една македонска идила.
„ Инспирацијата ја пронајдов во трнот, како и во останатите форми кои ги создава природата. Јас го трансформирав на свој начин, му ги посветив сите мои чувства и нему и на билките околу него,“ рече Малахова.
И академскиот сликар и графичар, Ана Јакиќ Димковиќ беше во атељето на Касапови. Таа живее и работи во Загреб а во Велес се обидуваше да пронајде своја инспирација во нештата што постојат на македонското поднебје.
„ И да го прилагодам на својот начина на работа, на колажот самблаж. Се надевам дека ќе успеам во користењето на артифицијалните извори како што се списанијата значи спротивен пат на она што човекот го прави од природата од која создава артифицијално а јас од артифицијалното се обидувам да создадам впечаток за природата, рече Јакиќ Димковиќ .
Ако во атељето на куќата на Касапови ги затекнавме овие уметници нивните колеги кои престојуваа во спомен куќата на Џинот сликаа на чардакот. И одтаму глетката се распостила на десната страна на градот, течението на реката Вардар и куќите со староградска архитектура. Дел од нив веќе беа пренесени на платната кои стоеја на штафелаите пред уметниците.
По десет дена јубилејното, десето издание, на сликарско копаничарската колонија „Папрадишки мајстори“ завршува вечерва кога во куќата на Касапови првично ќе бидат презентирани создадените уметнички дела и организаторот ќе ги соопшти плановите за следната колонија, вгодина./Д.С