Групата Соната ќе снима нова забавна песна

Објавено на 3 јуни, 2015 во 10:43

На пејачката Кате од групата Соната ќе и се исполни најпосакуваната желба, да запее песна со забавен мелос. Песната „Месечина“ за неа ја направил кантавторот Јован Јованов и нејзиното снимање ќе биде финансирано од Владата на Република Македонија. Според Кате песната е певлива и наликува на стилот на познатата српска пејачка на забавни песни јелена Томашевиќ.

„Сосема случајно излезе соработката со Јованов, отидовме да снимаме во неговото студио, ме слушна и ми рече тебе одлично би ти прилегала забавна песна и ми направи песна токму во стилот на Јелена Томашевиќ. Песната е преубава и првично договорот беше песната да се пушти на некои од фестивалите, ама фестивалите се за време на викенди а ние викенди слободни немаме, па затоа ја пративме на субвенциите и веднаш ја примиле со сите поени и сега чекаме да се пуштат парите, да се снима најпрво аудио а после се надевам и видео запис и мислам дека за неа ќе има добра приказна затоа што забавната песна дозволува експериментирање“, рече Кате.

Наскоро Кате и членовите на групата Соната ќе ги гледаме на телевизија на спотот за народната песна „Љубов ко во бајка“, песната што исто така ја субвенционираше владата. Спотот е снимен на три локации во градот, на велешко езеро, новиот театар и Младинскиот парк. Го снимаше Фабрика продукција и наскоро треба да се емитува на Македонската телевизија, локалните велешки но и во останатите телевизии ширум државата. Кате се надева дека видео запис ќе има и за песната „Пустина“ на Цане Петров и Томислав Которчевиќ, што ја доби втората награда на годинешниот фестивал Цветници.

„Не сме размислувале за локации каде би се снимала но јас навистина сакам да се снима спот бидејки песната е многу убава и певлива и не знам можеби повторно ќе биде снимен Велес или во некој друг град, ќе видиме“, рече Кате.

Групата Соната во моментов се подготвува за престојниот фестивал Охрид фолк фест кој ќе се одржи на почетокот на август. Кате вели дека се работи на избор на песна со која ќе се претстават на фестивалот. Во меѓувреме групата интензивно работи за време на викенди и со својата музика и песна им ги збогатува семејните веселби на граѓаните, се до 20 јули кога сите членови на групата заминуваат на заслужен годишен одмор./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.