Велешкиот театар оваа година ќе настапува на Интернационалниот фестивал „Сараевска Зима“
04.03.2021
Велешки театар ,,Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, ќе настапи на 47-то издание на фестивалот „Сараевска зима“, со претставата „Кралските копилиња“, на 15 март, годинава.
Поради пандемијата од ковид 19, фестивалската програма во најголем дел ќе биде прикажана он лајн, односно претставите ќе се одржуваат на матичните сцени, а сараевската публика ќе ги проследи преку видео стриминг.
Претставата во својата жанровска дефиниција е театар на телото во епски слики, работена според пост-тројанскиот митски циклус, сместен во кралската куќа Арг. „Кралските копилиња“ е приказна за боголуѓето која се случува непосредно по завршувањето на војната за Троја и зборува за неможноста траумата да биде избришана како цивилизациско наследство и за кругот преку кој таа траума комуницира со секое време и простор.
Автор на тесктот, режисер и автор на аудио-визуелниот концепт на претставата е Сашо Димоски, режијата на сценското движење е на Васил Зафирчев, видео-дизајнот и анимациите се на Данчо Стефков и Крсте Шупев, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, музички соработник е Сашко Костов, а автор на дигиталните скулптури и плакатот е Адам Мартинакис.
Во претставата настапуваат актерите Васил Зафирчев како Агамемнон, Кети Борисовска како Клитемнестра, Талија Настова како Електра, Жарко Спасовски како Орест, Маја Љутков како Касандра, Фаик Мефаилоски како Егист и Марија Стефановска како Ифигенија.
Стефани Манева