Градско: Ногаевчани се посомневаа во санацијата на мостот!
Паниката ја предизвикаа бушењата на градилиштето кај мостот
Паника меѓу ногаевчани предизвика информацијата дека дошол надзор кој ја скенира реконструкцијата на мостот кој живот значи за овие луѓе. Стравуваат дека контролата е задоцнета па ако се најде некоја грешка ќе мора да се урне и она малку што е изградено, велат тие. Звукот од машината за бушење во земјата, која го испитува тлото на кое се изградени главните столбови како лош предзнак се шири низ селото.
„Не знаеме што ќе се случува и никој не ни кажува. Сега поради овие што дојдоа од надзорот, се слушаат лоши муабети низ селото, но што е работата не знаеме. Ако е вистина дека ќе се урива изграденото има одговорни луѓе кои треба да ја понесат одговорноста за грешката. Ама очекуваме веќе да се догради мостот и да не тргаме маки и да не патиме”, рече жител на Ногаевци.
Од фирмата Гранит која е изведувач на работите смируваат. Убедени се дека изградиле цврсти столбови кои немаат никакви недостатоци.
„Машината прави дополнителни испитувања на тлото на речното корито во кое се вградени новите столбови, а работниците го појачуваат врзувањето на новиот со стариот дел на мостот„, рече Стојан Петров, раководител на анацијата од Гранит.
И градоначалникот на Градско Глигур Коцев, смета дека луѓето непотребно креваат паника. Според него не е спорна изградбата, туку роковите кои ги проби Гранит.
„Роковите кои беа зададени за да се заврши санацијата се пробиени иако фирмата се обврза на тоа. Во договорот кој го потпишавме е впишано дека ќе платат пенали за тоа, но жал ми е што жителите во меѓувреме немаат готов мост кој ќе им го реши горливиот проблем“, рече Коцев.
Инаку мостот надојдениот Вардар го урна пред две години. Дури есенва започна неговата санација и до сега требаше да заврши. Тој е од особено значење за Ногаевчани бидејќи ги спојува со сите околни градови и села. Во меѓувреме тие пешки се движат по импровизирано мовче кое е несигурно, а возилата мора да вртат и по повеќе од 20 километри по макадамски пат.