Основците и средношколците од Кавадарци се натпреваруваа по прва помош
Како да му се помогне на повреден кој обилно крвари, има отворена рана, скршеница, изгореници, на ризични групи и бесвесни состојби, кога имаме прекин во дишењето или работењето на срцето.
Тоа беа дел од задачите кои денеска ги имаа учениците од основните и средни училишта во Кавадарци на 22-от натпревар на младинци и подмлаткари на Црвениот крст, чија цел е во секое училиште да има обучен тим за правилно и навремено укажување на прва помош.
Учесниците во натпреварот дадоа се од себе да го покажат наученото, да пружат соодветна помош на повредениот, се со цел да бидат што подобри и да покажат дека се обучени за давање на прва помош на лице чиј живот е во опасност.
„Не е целта да се види кој колку знае, туку да се обучат што повеќе луѓе за да даваат прва помош, бидејќи несреќа може да се случи насекаде. И самите гледаме какви се елементарни непогоди има. Екипата што ќе победи ќе оди на државен натпревар“ рече д-р Горан Апостолски претседател на комисијата за прва помош на ОО на Црвен Крст Кавадарци и главен судија на општинскиот натпревар./А.Д