Екологистите од Возарци беа во посета на„Фени индустри“
По шести пат фабриката за феро-никел „Фени индустри“ ги отвори вратите за граѓаните кои сакаат лично да се запознаат и информираат со техничко-технолошкиот процес на фабриката, но и со постигнатиот напредок во делот на екологијата, производството и инвестициите.
Денеска гости на компанијата им беа екологистите од ЕД „Тисовец“ од Возарци. Еколошко друштво што опстојува веќе три години брои околу 60 члена од Возраци и Шивец, првите соседи на фабриката, а има и членови од Росоман и Неготино.
Пред присутните беше претставен производниот процес и се она што се користи во него од стручни лица задолжени за животна средина и инжинери металурзи. Екологистите поставуваа прашања дали чадот кој излегува ја загадува животната средина, дали и колку често се вршат мерења на амбиенталниот воздух околу фабриката. Им беше одговорено на овие прашања. Беше речено дека Фени има многу инвестирано за исполнување на еколошките стандарди и дека реултатите од мерењата покажувале дека фабриката работи во согласност со дозволените норми.
„Посетата на ЕД „Тисовец“, но и соработката што веќе подолг период ја остварува компанијата со овие екологисти е пример дека индустријата и екологијата имаат многу заедничко, а тоа е дека и едните и другите имаат за цел да обезбедат поквалитетен живот на човештвото“ рекоа претставниците на „Фени индустри“ и нагласија дека и во наредниот период сите граѓани имаат отворена покана за да ја посетат фабриката во рамки на „отворениот ден“ кој се одржува последниот петок секој месец.
Претставниците на ЕД „Тисовец“ нагласија дека напредокот на фабриката, во делот кој најмногу ги интересира – екологијата е евидентен и дека фабриката не е иста од пред десет години. Тие апелираа до одговорните во комапнијата да се направела поголема едукација на граѓаните за запознавање со процесот на производство, за да не се создаваат најразлични шпекулации од типот дека Фени загадува и ги уништува земјоделските производи.
Беше заклучено дека екологистите ќе ја продолжеле соработката со Фени на повеќе развојни и едукативни проекти од интерес за сите граѓани./А.Д