За една недела над 250 нови заболени од грип во Кавадарци
Интензивно почна да се шири грипот во Кавадарци, потврдуваат од Центарот за јавно здравје. Изминатата недела регистрирани се нови 254 заболени, со што вкупниот број на болни оваа сезона се искачи на 564 болни.
Податоците од центарот за јавно здравје покажуваат дека претходната сезона најмногу болни се регистрирани во декември и јануари, а во февруари е забележано значително опаѓање на бројот на нови заболени, додека годинава состојбата е сосема различна.
„Оваа сезона на грип најмногу болни се регистрирани овој месец, 497, додека минатата година во февруари имавме само 71 заболен. Во декември и јануари минатата сезона имавме по околу 1400 заболени, додека оваа сезона во декември само четворица, а во јануари 54 грипозни лица“ рече д-р Ристе Јовановски, епидемиолог од кавадаречкиот центар за јавно здравје. Неговите прогнози се дека грипот ќе продолжи да се шири и во наредниот период.
И сезонава најмногу на удар се лицата на возраст од 15 до 64 години, а потоа следува возрасната група на деца од предшколска и школска возраст./А.Д