Конечно, реконструкција на кровот на ООУ „Блаже Конески“ во Велес
По 40 години од изградбата, за прв пат ќе се реконструира кровот на општинското основно училиште „Блаже Конески“. Со финансиски средства во висина од 71,5 илјада евра преку Грант програмата за мали проекти за човекова безбедност на Амбасадата на Јапонија на реконструкција ќе подлежи најголем дел од кровната површина. Денеска, Н.Е Амбасадор на Јапонија, Савада Хиронори на потпишувањето на грант договорот рече дека целта на доделениот грант е да се обезбедат услови освен на учениците кои сега се образуваат исто така и на генерациите кои ќе учат во ова велешко училиште.
-Во рамките на иницијативата на Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Северна Македонија во социјалниот и економскиот развој што е многу важно за интеграцијата во ЕУ. Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност е еден од столбовите на нашата стратегија за соработка во Северна Македонија. Од 1996 година, Јапонија, поддржа проекти во секторот здравство, образование и животна средина во Северна Македонија. Годинава, ќе потпишам 13 проекти со вкупен износ од 825 илјади евра или досега вкупната поддршка изнесува 8,5 милиони евра за 171 проекти. Се надевам дека наскоро ќе дојдам пак на затворањето на проектот, рече амбасадорот Хиронори.
Посакувајќи му добредојде на донаторот, градоначалникот Марко Колев, во свое и во име на Советот на Општина Велес се заблагодари за поддршката на владата на Јапонија којашто континуирано се реализира во Општина Велес.
-Особено сме благодарни за најновата донација со која ќе го реконструираме кровот на основното училиште „Блаже Конески“ во висина од 4.395.975 денари со што во голема мера ќе ги подобриме физичките услови за одвивање на воспитно образовниот процес. Се надевам дека вашата посветеност во подобрување на животот на граѓаните ќе продолжи и во иднина и дека меѓусебната соработка ќе ја зацврстиме со многу други реализирани проекти во Општина Велес. Уште еднаш упатувам најискрена благодарност до јапонскиот народ и јапонската Амбасада за оваа несебична пријателска донација и соработка, додаде Колев.
Договорот за грантот го потпишаа Н.Е Амбасадор на Јапонија, Савада Хиронори и директорот на ООУ„Блаже Конески“.
-Реконструкцијата на кровот на нашето училиште „Блаже Конески“ – Велес ќе ги подобри физичките услови за реализација на воспитно образовниот процес во училиштето.Нашите ученици и наставници ќе бидат посреќни, позадоволни и помотивирани за постигнување на нови успеси и признанија. Родителите ќе ги испраќаат своите деца на училиште, без да се грижат за безбедноста и здравјето за време на престојот во нашето училиште. Сегашните 1127 ученици и 104 вработени ќе добијат можност да учат и работат во соодветни и квалитетни услови. Се надевам дека ова училиште и за новите генерации ученици ќе биде место за пријатен престој, место кое дава мотивација за постигнување на резултати и втор дом за сите. Искрено Ви се заблагодарувам од мое лично име, но и од името на учениците, вработените и на целокупната локална заедница за поддршката, со надеж и за понатамошна соработка, додаде Манасков.
Досега, општината од Владата на Јапонија, доби медицински апарат мамограф во вредност од 44.370 евра и нов дигитален ренген апарат во вредност од 60.748 евра, со кој се подобри капацитетот на здравствените услуги во болницата, рехабилитирање на заеднички простории на три училишта во Велес, проект вреден 53.884 евра, противпожарно возило за потребте на ТППЕ Велес во вредност од 60 442 евра, како и две медицински возила за транспорт на пациенти за потребите на Итната медицинска помош во вредност од 37.175 евра.
Освен оваа грант поддршка, ООУ„Блаже Конески“, исто така годинава очекува финансиски поддршки од Министерството за образование и друг донатор, со коишто ќе биде обновена целата површина на кровната конструкција на објектот.
Убавка Јаневска