Во Тиквешијата новороденчињата сеуште се крстат по бабите и дедовците!
Раѓањето на бебе во семејството е секогаш проследено со радост и среќа од најблиските но не ретко во семејствата во Тиквешкиот регион знае да донесе и проблеми.За што станува збор? Името на бебето е она за што најмногу се расправаат младите и старите во семејството,односно кое име ќе го носи новороденчето.
Има многу вакви случаи кои се раскажуваат на разни семејни собири,забави,некогаш на шега а некогаш и со друга намера.Се раскажува за еден случај во Демиркаписко кога налутениот дедо, затоа што неговиот прв внук не го добил неговото име отишол во матичната служба и побарал да го добие името на внукот.Рекол дека кога не може внук му да го носи неговото,тогаш тој ќе го земе на внукот.
-Обично вакви се случаите кога поединци не можат никако да прифатат нивното внуче да не го носи нивното име па се решаваат и на ваков чекор.Посебно е изразено ова кај бабите кои многу често доаѓаат во конфликт со снаите само за да ја добијат битката и да биде по нивно “,ни раскажаа од матичната служба.
Не е убава сликата кога новороденчето кое се уште не излегло од болница а неговите родители не можат убаво да се израдуваат зашто дома војна се води,старите,бабите и дедовците па и кумовите одлучуваат кое име да му се даде на детето.
-Иако имам две ќерки а немам син кој би го подновил моето име посакував тивко во себе да се сетат дека можат да го стават и моето име.Се одлучија на тоа но тука реагираа сватовите и така не бидна работата,ни раскажа нашата соговорничка,65 годишна жителка на Неготино.
Се случува младите честопати да бидат условувани од постарите за името на новороденчето,односно ако не ги подноват нема да бидат наследници на имотот а има и такви случаи кога младите ги уценуваат постарите дека ако сакаат да бидат подновени тогаш треба да бидат и нивни наследници.
-„Во Тиквешијата сеуште важи она старото,демек ако не се крсти внучето по нивното име бабите и дедовците ќе се срамат пред роднините,соседите и пријателите“,раскажуваат матичарите.
Но има и такви случаи кога свекрвата не сакала да биде внуката крстена по нејзиното име па откога ќе слушнела дека во опција доаѓа името на другата баба,тогаш таа се премислува и веднаш реагира кај младите.
Од матичната служба посочуваат и на навиката кога родителите имињата на новороденчињата ги запишуваат во демунитивна форма,односно наместо Николче според нив требало да биде Никола,или Стојан наместо Стојанче.Но иако укажувале на тоа,за џабе,велат од овде,тие го намислиле тоа и не може со ништо да ги разубедиме дека тој Стојанче утре ќе биде возрасен маж и нема да му одговара такво име.
Наште согворници велат дека има многу вакви приказни на нивните шалтери,кога баба Рада не сакала внуката да биде Радица или пак наместо Велика да биде Викторија.
„Што тогаш, ако се вика Викторија од каде тоа има врска со Велика,јас не можам ни името да го изречам,не ми требаат странски имиња“,налутено ќе каже ново печената баба Велика.
Приказните од шалтерите одат до таму,што откако младите ќе одлучат да дадат друго име на детето,старите не сакаат да го прифатат „помодерното“ име па тие си го нарекуваат по своето.
Ваквата традиција во Тиквешијата е отсекогаш,да се стави името на постариот,со тоа да се покаже почит и продолжување на семејниот обичај.Па не ретки се случаите кога во едно семејство со генерации се провлекуваат едни исти имиња прадедо Ило,дедо Лазо,син Ило,внук Лазо а најверојатно и правнукот кој ќе биде нема да биде поштеден од традицијата./Б.Н.Т