Дивите се уште проблем за регистрираните авто такси превозници!
Нелојалната конкуренција од страна на диви таксисти им задава сериозни главоболки на регистрираните такси превозници во Неготино.
-„Додека да се завртиш, патникот веќе го нема, ти го земале пред нос и возат за ситни пари,“ рече таксист.
Дивите такси превозници немаат ознаки, возат стари и истрошени автомобили и најчесто ги има за патување кон соседно Кавадарци. Тие чекаат на постојката веднаш пред општинската зграда, качуваат патници и бегаат од инспекцијата. Ги има многу а реално нивната точна бројка не се знае и буквално им го земаат лебот од раце на регистрираните такси превозници.
-„Очигледно е дека се нема решение за нив а проблем е тоа што не можеме и да докажеме дека вршат такси превоз зашто немаат ознаки, немаат табли ,ни прават финансиска штета, демнат пред автобуските станици, собираат патници бегаат набрзина со што создаваат неред во сообраќајот“,објасни еден од такси превозниците.
Тие апелираа до граѓаните да размислат убаво чии услуги ги користат бидејќи регистрираните превозници плаќаат давачки на државата додека дивите таксисти го избегнуваат тоа.
На средбата со нив градоначалникот Апостолов вети дека од страна на сообраќајниот инспектор и другите надлежни органи ќе бидат преземени адекватни мерки за сузбивање на нелојалната конкуренција во авто такси превозот во општината.
Инаку сето ова се случува откако на почетокот на годината општинскиот инспектор по патен сообраќај во соработка со претставници на сообраќајната полиција, контролираше на меѓуопштинската линија Неготино – Кавадарци, кога откри такси возила без документи или со повеќе дефекти на возилата.
Тогаш со решение беше одземено едно такси возило од Кавадарци кое вршело превоз без лиценца. Општинскиот инспектор рече дека покрај многубројните укажувања таксисти од соседната општина Кавадарци без соодветната лиценца продолжувале да вршат нелегална дејност. Не помогна ниту заканата со казна за граѓаните што ќе бидат затекнати како вршат див транспорт на патници во висина од 500 евра и заплена на возилото.
Лани за да стави ред во превозот на патници, општината, го намали надоместокот за такси станиците и побара од сопствениците на легалните такси компании да ги обојат возилата со жолта боја. Можат и во друга но задолжително жолта треба да биде хаубата на возилата додека на предните две варти да стојат налепници со грбот на Неготино.
Во моментов во општината има околу 40 лиценцирани такси возила и нивниот број секојдневно се зголемува. Согласно пропишаните услови максимумот на издадени лиценци изнесува 76. Тоа значи дека дивите можат непречено да станат легални таксисти./Б.Н.Т