„Ековита“: Во услови на пандемија, недозволиво е уништувањето на 110 тони гранати во Неготино
15.12.2020
Како што е најавено од страна на Министерството за одбрана и Дирекцијата за заштита и спасување, на воениот полигон Криволак, денес (15-ти декември) треба да започне уништувањето на 110 тони артилериски гранати со експлозивен материјал, кои беа пронајдени во Битола, а датираат од Првата светска војна.
Голема е реакцијата и загриженоста на граѓаните кон нашето здружение за да интервенираме и да се спречи ова зло во Тиквешијата, до нашата редакција реагираат од Здружението на граѓани „Ековита“.
За жал, локалната самоуправа се прогласи за ненадлежна за овој проблем, иако ова ни се случува во нашиот двор. Во услови на огромна аерозагденост и кога комисијата за заразни болести препорачува ригорозни мерки за спречување на ковид кризата, несериозно е уништувањето на огромна количина на гранати во ова кризно време, потенцираат од „Ековита“ .
Сметаме дека Неготино покрај пандемиската криза се наоѓа и во воена криза, бидејќи во наша близина ќе се уништат над 110 тони воен опасен материјал. Како здружение предложивме гранатите да се закопаат подлабоко во бункери на безбедни локации на воениот полигон Криволак, но беше одбиено од министерката за одбрана.
Ставот на Ековита е веднаш да се прекине со уништувањето на гранатите и да се одложи во пролетниот или летниот период кога аерозагаденоста е помала, а се надеваме дека и ковид кризата ќе попушти до тогаш. Да се набави мобилна мерна станица за контрола на аерозагаденоста, бидејќи во нашата општина Неготино никогаш не постоела таква опрема, а најблиските мерни станици во Кавадарци рушат рекорди, велат од „Ековита“.
По повод изразената вознемиреност и реакциите на граѓаните на Општина Неготино, со соопштение се огласија и од Министерството за одбрана.
Уништувањето ќе се одвива постапно, во повеќе етапи и истото треба да заврши до јануари идната година. Имено, на барање на ДЗС, Министерството за одбрана се согласи да асистира и пронајдените 12 700 парчиња бомби од Првата светска војна, да бидат уништени на полигонот Криволак. Уништувањето ќе се врши во 4 термини овој месец (на 15, 18,22 и 23 декември) и уште неколку термини во јануари 2021 година, информираат од Министерството.
Со цел да се изрази јасно уверување дека уништувањето ќе биде безбедно по здравјето на граѓаните и животната средина, Министерството за одбрана побара прелиминарна проценка и анализа на емисиите на суспендирани честички од детонирање на експлозии, која во меѓувреме ја изработи лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот Гоце Делчев од Штип.
Анализата, предводена од проф. д-р Дејан Мираковски, извршена според етаблирана и јасна методологија со користење на емисиони фактори, дефинирани исклучиво од меѓународно прифатени извори, покажа дека детонациите нема да предизвикаат промена во квалитетот на воздухот во пошироката околина на полигонот Криволак, се вели во соопштението на Министерството.
Мите Јаначков