Се судрија воз и сканија, на железничкиот премин во населбата Превалец!
Кабината на камионот кипер е целосно смачкана и шеесет и едно годишниот возач Љ.А од Пробиштип е тешко повреден во сообраќајната несреќа што утрово се случи на железничкиот премин во велешката населба Превалец.
Околу 7часот и 20 минути се судрија камион марка Фијат Ивеко и патничкиот воз од Битола за Скопје. Несреќата се случи на железничкиот премин во велешката населба Превалец. Очевидци велат дека едвај успеале да го извадат возачот од целосно уништената кабина и да му укажат прва помош. потоа бил пренесен во велешката болница.
„Бев на терасата и видов како возот го удира камионот. Веднаш истрчавме и едвај успеавме да го извадиме човекот кој беше жив ама во тешка состојба. Ова е страшна работа, четврти пат се случува и никој жив не реагира. Бараме рампите на преминот да се вратат затоа што светлосниот и звучен сигнал не функционира како што треба,пред некоја вечер, возот помина а сигналите работеа уште дваесет минути. Тогаш се создаде долга колона од возила од двете страни и чекаа бидејќи им беше страв да преминат се додека сигналот не се исклучи,“ вели очевидец.
„Јас прв денеска стигнав пред камионот и веднаш помогнав да се извади човекот. Што да ви кажам страшна работа целиот се тресам. Сакам од тука да порачам под итно да се вратат рампите на овој и на преминот кај Пашин мост ако не со камења да се затрупа линијава затоа што ниту еден фотељаш не е повреден од било кој друг човек,“ рече Емуш Имеровски.
Возачот е во тешка состојба и засега надвор од животна опасност, рече д-р Силвана Мишкова, портпаролката на болницата во Велес.
„ Пациентот има четири скршени ребра и скршена подколеница на левата нога. Занчи е со тешка телесна повреда и во моментов се прават сите дополнителни медицински иследувања. Ќе се превземе се што е потребно,“ рече д-р Мишкова.
Несреќата беше причина, утрово, сообраќајот на патот од Велес кон Чашка и Богомила да биде прекинат околу час и половина. Несреќата повторно околу доволно необезбедениот премин ги собра жителите на населбата Превалец. Сите беа револтирани и повторија дека преминот е непрегледен и опасен по нивниот и животите на нивните деца кои мора да го поминат кога одат на училиште. Нивните барања да се стават рампи и да се врати чуварот на преминот ги поддржаа и автопревозниците од Велес.
„Јас возам постојано и по неколку пати го преминувам овој премин. Не е безбеден, не се гледа доволно ни кога возот излегува од тунелот ниту кога иде од другата страна. Не функционира секогаш поставената сигнализација затоа барањата на луѓево се оправдани,“ рече автопревозник.
И за градоначалникот на Велес состојбата во Превалец е алармантна. Славчо Чадиев веќе побара итна средба со директорот на ЈП Македонски железници – инфраструктура и министерот за транспорт и врски.
„Уште денеска испратив ургентно писмо и барам средба бидејќи решение мора да се најде,“ рече Чадиев.
Илјада исти премини како во Превалец има низ целава земја, но не ми е јасно зошто само тука се случуваат несреќи вели директорот на МЖ Инфраструктура, Ирфан Асани. Сепак најави оти проблемот ќе бил решен.
„На овој премин има поставено најмодерна сигнализација, звучна, светлосна и андреев крст, но сепак се случуваат несреќи. Поради ова решивме да го вратиме најстариот систем на обезбедување и тоа со двојна рампа за која ќе се грижи железничар“, рече Асани.
Во изминативе четири месеци, на железничкиот премин во Превалец се случија 4 сообраќајни несреќи. Таму пред 3 недели од удар на воз загина старец, лани во декември беше смачкано југо додека неговиот возач едвај спаси жива глава и уште еден човек успеа да преживее „блиска средба со воз“. /Б.Н