Со потписи на петиција против екстерното и во Велес!
Ученици, загрижени родители и нивни поддржувачи можат да стават потпис на петицијата со која се бара екстерното тестирање на учениците годинава да се прогласи за пилот-проект. Акцијата започна вчера попладне на штандови поставени на главната градска улица “Благој Ѓорев“ спроти Гимназијата во периодот од 17 до 21 часот.
Координарот на МОФ во Велес, Дејан Ристовски рече дека вчера се потпишаа 350 загрижени граѓани, родители, наставници, професори и ученици.
– Петицијата е реакција на сериозните пропусти во начинот на спроведување на тестирањето, законските прекршувања и недоследности како и целосното игнорирање на проблемот од страна на институциите, – рече Ристов.
Потписи ќе се собираат секое попладне од 17 до 21 часот до 9 јули, годинава, на локацијата спроти Гимназија. Потоа собраните потписи ќе се испратат до министерството за образование, бирото за развој на образованието и државниот испитен центар за да го прогласат екстерното тестирање за 2013 година за пилот.Барањето ја содржи и јавната дебата со засегнатите страни за да се подобрат пропустите кои се појавија, сметаат од МОФ.
Освен во општина Велес петицијата ќе се потпишува и во други 15 градови во државата а од МОФ информираат дека ќе поднесат и претставки по однос законските прекршувања при имплементацијата на екстерното тестирање.
МОФ веќе реагираше на паѓањата на компјутерскиот систем, пробиените тестови, масовната појава на слаби оценки кај цели генерации по одредени предмети, на непочитувањето на предвидениот законски рок од 7 дена за објавување на листите, но и за непочитување на предвидениот рок за поднесување приговори по однос на објавените резултати од 3 дена./Б.Н