Петицијата против екстерното поддржана и од професори!
Седумстотини велешани се потпишаа во изминатите два дена на петиција против екстерното тестирање. Најголем дел од нив се загрижени ученици и родители. Нив поддршка им даваат и граѓани кои велат дека ја следат состојбата. На листата има потписи и на професори.
– Тие го ставија својот потпис како граѓани и навистина не радува нивната постапка. Задоволни сме од покажаниот интерес на велешани. Затоа од денеска наместо како досега само во попладневните часови штандот на кој граѓаните ќе можат да се потпишуваат ќе биде отворен и претпладне, – рече координаторот на МОФ за Велес, Дејан Ристов.
Штандот утрово е поставен и отворен во 9 часот на плоштад Сармаале. На оваа локација граѓаните ќе можат да го стават својот потпис на петицијата до 13 часот. Во попладневните часови ќе се користи локацијата на која во изминатите два дена граѓаните се потпишуваа поточно на улицата Благој Ѓорев, спроти гимназијата, пред поранешен Панини./Б.Н