Хотели и мотели на велешко Младост нема да се градат пред Индијците да се одлучат!
Нема да се одржи јавната лицитација за продажба на парцелите за изградба на хотели и мотели на велешко езеро Младост. Парцелите нема да се продаваат се додека индиската корпорација не одлучи каде сака да го гради студенскиот кампус. Одлуката ја донеле општина Велес и министерството за транспорт и врски се со цел на овој странски инвеститор да му овозможат предност при избор на локацијата, рече портпаролот на општина Велес Мартин Мајсторов.
– По консултациите со министерството за транспорт и врски општина Велес одлучи дека во овој момент треба времено да ја одложи продажбата на парцелите за хотели и мотели на велешко езеро се до крајното утврдување на парцелите за изградба на студентскиот кампус. Во моментов се врши скенирање на состојбата и најпотребното место кое ќе биде потребно за оваа странска инвестиција ќе и биде ставено на располагање на индиската корпорација, рече Мајсторов.
Во март годинава, Индијците дојдоа на велешко езеро и ги разгледаа парцелите позади постоечките угостителски објекти. Сега тие ќе можат да изберат и од парцелите пред браната на акумулацијата. Тоа се плацеви чии локации се наоѓаат веднаш над патот и се многу поблиску до езерото.
Општината не се откажува од изградбата на автокампот. Во постапка било утврдувањето на парцелата. Тоа сега го правеле општината и Агенцијата за развој и промоција на туризмот.
Освен на брегот на езерото парцели се продаваат и во Велес. На јавна лицитација на која учествуваа девет понудувачи општината продаде две од по 400 метри квадратни во наслебата Тунел 2, по цена од 71 денар за метар квадратен.
За дваесет дена ќе се случи втора продажба. Тогаш ќе се продаваат два плаца со површина од 10 илјади метри квадратни за изградба на колективни стамбени објекти. Плацевите се наоѓаат кај Багремче поточно тие се дел од дворот на касарната и ќе се продаваат за 1.680 денари за метар квадратен./Б.Н