Во приватните складови нема, граѓаните огревно дрво единствено можат да купат во ШС „Бабуна“
Нема огревно дрво во приватните складови во Велес. Во најголем дел од нив одамна се потрошени сите залихи со кои располагаа за оваа грејна сезона. Граѓаните кои направија погрешна проценка околу потребната количина на огревно дрво деновиве единствено се надеваат дека ќе успеат да се снабдат од складот на подружницата на ЈП „Македонски шуми“ – шумско стопанство „Бабуна“. Оттаму велат дека огревно дрво се обезбедува и продава секојдневно а празниот склад е последица на зголемената побарувачка и на дождливото време кое им создаде проблем да ги симнат исечените количини од сечите во градот.
„Складот секојдневно располага со залиха од дваесет до триесет метри просторни огревно дрво. Исто така секој ден нашите камиони влегуваат во сечите каде дозволуваат условите. Но бидејќи секојдневно како ги транспортираме до складот и ги продаваме не можеме да создадеме залиха. Во овој период побарувачката е по еден до најмногу четири метри просторни дрва што значи граѓаните претежно докупуваат. Реално транспортот е поврзан со временските услови но со самото затоплување ќе почнеме со поконтинуирана работа. Завршивме со тендерите, Велес е покриен, а тоа ќе значи дека за најмногу две недели складот ќе почне да се полни со поголеми количини на огревно дрво,“ рече директорот Горан Наунчев.
Тој додава дека до крајот на оваа сезона во складот на „Бабуна“ ќе има огревно дрво и тоа дневно во количини од по педесет метри просторни.
Претпријатието за граѓаните ја започна постапката на продажба на огревно дрво на рати, за наредната грејна сезона. Тоа значи дека се примаат авансни уплати и штом се заврши со ратите тогаш се испраќа купената количина во домот на купувачот. Цената на метар просторен даб изнесува 2.473 а на буката 2.372 денари./У.Ј