Пензионерите се солидаризираа со несреќите на граѓаните
Велешките пензионери се солидаризираа со настраданите семејства од поплавите. Од солидарниот фонд издвоија 30 илјади денари помош и ги уплатија на сметката на Републичкиот Црвен крст. Од парите на пензионерите што членуваат во Здружението е издвоена и дополнителна сума на пари, во висина од 50 илјади денари, што ќе ја добијат двете семејства чии домови изгореа во пожарот што недоамна се случи во Дворови. Семејството Бошкови ќе добие 30 илјади денари, а десет илјади помалку семејството Јанушеви.
„Тоа се пари на сите пензионери од градот. Останале како заштеда од тековното работење на Здружението. Одлука за доделување донесе извршниот одбор и собранието на нашето Здружение. Ова го направивме со цел да помогнеме но и да ги поттикнеме и останатите здруженија во државата да се помагаме или да помагаме на оние на кои што им е потребна помош, рече претседателот на Здржението Веле Алексовски.
Здружението на пензионери денеска им додели по 2,5 илјади денари еднократна помош и на шест-седум немоќни луѓе. Од таму велат дека ќе продолжат со своите хумани и солидарни активности со цел барем малку да им помогнат на оние на кои им е потребна помош./Д.С