Двајца средношколци со нов еколошки проект ќе ги бранат боите на Велес во Америка
По долгогодишно истражување и експериментирање двајцата средношколци Тамара Савевска и Синиша Јовиќ пронашле ефикасен начин како да се заштитиме од ридот со згура зад Топилницата, кој секојдневно како темен облак го демне градот и го загрозува здравјето на велешани. Во лабораторијата на Јавното комунално претпријатие Дервен, една година работеле со глина, леозит, хидрантна вар и порпан цемент и направиле еколошки адитив кој згурата може да ја претвори во нереактивен материјал. Како таков потоа лесно може да се складира и да не ја загрозува животната средина.
Досега нивниот проект не е претставен во Македонија, но ќе биде презентиран пред светската јавност на Олимпијадата за екологија и инжењерство „Ice Vip“ , што годинава ќе се одржи од 7 до 11 мај во градот Хјустон во Тексас.
„Би биле многу среќни и задоволни кога локалната самоуправа би се заинтересирала за нашето истражување и во иднина би се развил некаков проект кој би се имплементирал и на релативно ефтин начин и долгорочни би завршиле проблемите со згурата, рече Тамара Савевска.
На средношколците ова не им е прво меѓународно претставување од областа на заштитата на животната средина. Пред две години за проект од екологијата беа наградени во Турција.
„Тоа беше проект за реупотреба на алуминиум сулфатот во процесот за преработка на вода, во фабриката за вода во Велес. Таму освоивме сребрен медал“, потсети Синиша Јовиќ.
Големи се очекувањата на Тамара и Синиша од Олимпијадата во Хјустон каде со еколошки проекти ќе се претстават средношколци од сите континенти. Но за да стигнат до таму нив им треба финансиска помош за да си ги купат авионските билети. /Д.С