Продажбата на велешката Туланица презакажана за три дена подоцна
Одборот на доверители, наместо на 16-ти одлуката за продажба на керамичката индустрија „Киро Ќучук“ ќе ја носи на 19 овој месец, информираше стечајниот управник Ацо Петров. Одлуката за презакажување на седницата на Одборот била донесена деновиве.
Тогаш доверителите ќе треба да одлучат дали ќе ја прифатат понудената цена од последниот распишан тендер, од еден купувач, кој понудил цена во висина од 68 милиони денари или ќе распишат нов тендер за продажба на фирмата, продавницата и другите објекти кои што се во состав на велешката Туланица. Стечајниот управник Петров се надева дека овој пат фабриката, која порано беше една од најголемите во Македонија за производство на градежни елементи, конечно ќе биде продадена.
Во најдобрите години велешки „Киро Ќучук“, вработуваше над 800 работници, произведуваше повеќе од 12о милиони единици тенкоѕидни елементи и 1,5 милиони метри должни ферт гредички. Оваа велешка компанија своите производи ги продаваше на домашниот пазар како и на пазарите во Србија, Косово, Црна Гора и Албанија.
Сега најголем доверител во Туланицата, со побарување од 6,1 милиони евра, е Управата за јавни приходи./С.А